• среда, 25 декември 2024

Стартува проектот за првиот приватен ветерен парк Богословец, инвестиција од 61 милион евра

Стартува проектот за првиот приватен ветерен парк Богословец, инвестиција од 61 милион евра
Скопје, 7 јули 2021 (МИА) – Во близина на селото Богословец ќе се гради првиот приватен ветерен парк во државва, инвестиција во вредност од 61 милион  евра. Во пролетта 2025 година се очекува да почне со работа и во наредните 25 години да овозможи зелена енергија за околу 20 илјади домаќинства во државата. -Првиот  приватен парк на ветерници во  земјава Богословец во домашна сопственост денеска станува реалност. Овој проект е исклучителен  придонес кон пренасочување и на нашето национално производство на електрична енергија  кон обновливи извори и надополнување на електричното  производство приклучено на државниот оператор. Ветропаркот Богословец со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати ќе го удвои постојниот ветерен капаците во земјата  и ќе придонесе кон намалување на ЦО2 емисите од над 87.000 тони годишно, рече премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод стартот на инвестицијата. Според  него, од голема важност за целиот инвестициски циклус е дека при изградбата се запазуваат еколошките стандарди и истовремено се поддржуваат општите цели на земјата за климатска транзиција и обновлива енергија.  - Го имплементираме зеленото сценарио за развој на земјата која треба да обезбеди економски и економски бенефити. Имаме потенцијали енергијата од ветерот за производство да струја треба да ја искористиме. Во земјата постојат одлични географски потенцијали, а тоа го потврдуваат и сите досегашни студии според кои има најмалку 15 поволни локации за изградба на ветерници. Во најголем дел по долината на реката Вардар, односно Повардарието, во Овче Поле, околу Свети Николе, Штип, Крива Паланка, Куманово и на повисоките планински делови, рече Заев.  Премиерот потенцира дека според последната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година во земјата е предвидено изградба на ветерни електрани со вкупна инсталирана моќност од 750 мегавати и вкупно проценето годишно производство на струја од околу 1 800 гигават часови.   - Од планираните вкупни капитални инвестиции во енергетскиот сектор кои до 2040 година се во размер од 9,4 до 17,5 милијарди евра главниот фокус е на инвестициите во енергетската  ефикасност и обновливите извори на енергија. Развивме сериозни енергетски стратешки планови и една од точките на Акција 21 како и во Интервентниот план на Владата за инвестиции 2021-2027 година е току енергетиката. Тоа го потврдуваат и резултатите. Нашата земја е на врвот, меѓу шампионите во регионот по раст на обовливи извори на енергија, само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати што претставува раст од 10,1 процент и е во рамките на светскиот просек за зголемување од 10,3 проценти, рече  Заев.   Како дел од процесот на енергетска транзиција и спроведување на праведната транзиција во енергетскиот сектор, Заев истакна дека се воведува еколошка такса за загадувачите, вклучувајќи ги и нафтените деривати , а во наредните години и еколошка такса на јагленот и производството на електрична енергија од јаглен  во согласност со политиките на ЕУ и обврските од Парискиот договор.   - Владата силно и посветено го поддржува инвестирањето во обновливите извори на енергија. Станува збор за сериозен процес на промена на јагленовите термоелектрани во фотонапонски, гасни електрани и ветерници, посочи премиерот. Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека изградбата на ветерната електрана „Богословец“ е инвестиција на домашна компанија со која ќе се зголеми учеството на енергетиката произведена од ветерни електроцентрали во државата за дополнителни 36 мегавати.  -Ова нека биде пример за сите наши стопанственици – домашни, но секако и странските кои се повеќе од добредојдени да инвестираат во нашата држава за да ја користат можноста да инвестираат во обновливите извори на енергија во нашата држава бидејќи нашите закони тоа веќе го овозможуваат, нашата определба како Влада, како Министерство, како други институции кои се вклучени тоа го овозможуваат на транспарентен, конкурентен и отворен начин каде сите ќе бидат еднакви, рече Бектеши. Финансиски партнери на проектот се Ерсте банк, Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, Австиската банка за развој, Фонд за зелен раст. Владата ја одобри изградба на ветерниот парк на барање на „Тор Импекс“, проектна компанија што го развива проектот за „Богословец“. „Siemens Gamesa“ ќе произведува и ќе инсталира осум ветерни турбини на локацијата. Напојувани од ротори со дијаметар од 145 метри со висина на јарбол од 102,5 метри, овие турбини ќе имаат вкупен капацитет од 36 MW откако ќе се активираат. Проектот „Богословец“ треба да придонесе за  поставените цели на државата да го пренасочи национално производство на електрична енергија, во кое сè уште доминира кафен јаглен (лигнит), кон зелени извори. Државата сака да го зголеми за повеќе од 50 проценти својот национален обновлив капацитет до 2024 година, што доведува до дополнителни 400 MW и 160 MW соларна и ветерна енергија.фф/оџ/  

Остани поврзан