Старо Нагоричане ќе се фокусира на подобрување на условите во училиштата, за изработка на техничка документација
- Општина Старо Нагоричане годинава ќе се фокусира на подобрување на условите во училиштата, со посебен акцент на изработка на техничка документација за поголеми реконструкции.
Куманово, 9 февруари 2026 (МИА) - Општина Старо Нагоричане годинава ќе се фокусира на подобрување на условите во училиштата, со посебен акцент на изработка на техничка документација за поголеми реконструкции, најави на прес конференција градоначалникот Мирослав Славковски.
-Имаме три централни училишта. За централното општинско училиште во село Драгоманце постојат сериозни проблеми со кровната конструкција, додека во Старо Нагоричане дел од училишниот објект е во фаза на конструктивно оштетување и ќе биде потребна обемна санација. За да можеме да аплицираме на повици од ресорното министерство, мора најпрво да изработиме соодветна техничка документација, изјави Славковски.
Паралелно со тоа, во подрачните училишта општината ќе инвестира сопствени средства, согласно можностите и барањата на самите училишта.

-Ќе вложуваме во поставување на ламинати, оградување на училишни дворови и други интервенции со цел подобрување на условите за учениците, посочи градоначалникот.
Поддршката за учениците продолжува и во финансиски дел. На наредната седница на Советот ќе биде предложена одлука за зголемување на финансиската помош за првачињата.
-Досега износот изнесуваше 4.000 денари, а ќе предложиме да се зголеми на 6.000 денари за сите запишани првоодделенци, почнувајќи од претстојната учебна година, најави Славковски.
Општината и натаму ќе ги покрива трошоците за тридневната наставничка екскурзија за учениците од деветолетките, практика што беше успешно спроведена и минатата година.
Во меѓувреме и општината одвојува по 16.000 денари за студентите, еднаш во текот на студирањето. ам/сст/
Фото МИА