• сабота, 09 ноември 2024

Стармер: Јавното здравство во Велика Британија е во критична состојба - или ќе има реформи или системот ќе одумре

Стармер: Јавното здравство во Велика Британија е во критична состојба - или ќе има реформи или системот ќе одумре

Лондон, 12 септември 2024 (МИА) - Британскиот премиер Кеир Стармер денеска ќе објави 10-годишен план за закрепнување на Националната здравствена служба (НХС), откако независен извештај покажа дека јавниот здравствен систем е во критична состојба.

Претходната конзервативна влада не успеа да ги намали листите на чекање, а Стармер, чија Лабуристичка партија извојува убедлива победа на изборите во јули, го стави постигнувањето договор за плати со здравствениот персонал како приоритет.

Но, тој рече дека на НХС ќе му треба и „голема операција“ за да се справи со зголемените трошоци за грижа на постарото население, без планирано зголемување на даночните распределби.

„Знаеме дека работните луѓе не можат да си дозволат да трошат повеќе, така што системот треба да се реформира или ќе умре“, вели Стармер во говорот, од кој некои делови беа објавени однапред од неговата канцеларија.

„Оваа влада работи брзо за да создаде 10-годишен план... Наместо пристапот од горе надолу, како што беше во минатото, овој план ќе има отпечатоци од прсти на персоналот и пациентите на НХС“, се вели во говорот.

Говорот на Стармер следи по објавувањето на извештајот на Ара Дарзи, хирург од Домот на лордовите, кој беше нарачан од владата за да ја испита состојбата на НХС.

Извештајот на Дарзи покажа дека НХС влезе во ковид пандемијата во 2020 година со „најниска отпорност досега“, поради недостиг на инвестиции и збунувачка реорганизација на системот од претходната деценија.

„Бев шокиран од она што го открив за време на оваа истрага - не само за здравствената услуга, туку и за состојбата на здравјето на нацијата“, рече Дарзи.

„Премногу луѓе чекаат предолго, во премногу клинички области квалитетот на грижата е намален“, посочи тој. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан