Стармер: На Украина и треба траен мир, а за тоа се потребни американски безбедносни гаранции
- Британскиот премиер Кир Стармер повторно повика на безбедносна гаранција на САД за Украина за да спречи нов руски напад, додека се подготвува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Вашингтон, 27 февруари 2025 (МИА) - Британскиот премиер Кир Стармер повторно повика на безбедносна гаранција на САД за Украина за да спречи нов руски напад, додека се подготвува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што пренесува Би-Би-Си, на летот за Вашингтон, Стармер рекол дека се надева оти односите меѓу Обединетото Кралство и САД ќе продолжат да се подобруваат. Тој посочи дека се уште траат дискусиите за можното испраќање британски војници во Украина, но повторно ја истакна важноста на таканаречената американска „поддршка од позадина“.
Стармер изјави дека на Украина и треба траен мир, а не прекин на огнот. „Размислувам како да се зачува мирот во Европа и како да постигнеме траен мир во Украина. И целосно сум убеден дека ни треба траен мир, а не прекин на огнот и за тоа мора да си обезбедиме безбедносни гаранции“, истакна Стармер.
„Ние ќе дадеме свој придонес и јасно ставив до знаење дека ќе ни треба некаква американска поддршка. Мојата загриженост е дека ако има прекин на огнот без нивна поддршка, тоа едноставно ќе му даде на Путин можност да почека и да нападне повторно, бидејќи неговата амбиција околу Украина е сосема очигледна, мислам дека тоа им е јасно на сите“, додаде Стармер.
На синоќешниот прием во резиденцијата на британскиот амбасадор во Вашингтон, Стармер им кажа на гостите дека сака да воспостави „ново партнерство“ со САД и додаде дека „најдобрите денови допрва доаѓаат“. паг/
Фото: ЕПА