• четврток, 26 декември 2024

Стапува во сила првиот билатерален Договор за стратешко партнерство меѓу ЕУ и Јапонија 

Стапува во сила првиот билатерален Договор за стратешко партнерство меѓу ЕУ и Јапонија 

Брисел, 23 април 2024 (МИА) - Советот на ЕУ донесе „Одлука за склучување на Договор за стратешко партнерство меѓу Европската Унија и нејзините земји членки со Јапонија“, со што се овозможува стапување во сила на првата билатерална рамковна спогодба меѓу двете страни. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со Договорот се воспоставува сеопфатна рамка за засилување на политичките и секторските врски меѓу ЕУ и Јапонија, со што се обезбедува поблиска политичка и економска соработка за голем број билатерални, регионални и мултилатерални прашања. 

Согласно Договорот, ЕУ и Јапонија се обврзуваат да работат на зајакнување на глобалниот поредок заснован на правила и на одбрана на заедничките вредности и принципи, како што се владеењето на правото, демократијата, почитувањето на човековите права, отвореноста на пазарите и обезбедувањето слободна и фер трговија. 

- Договорот ја поставува основата за интензивирање на консултациите и координацијата во мултилатералните форуми. Страните се обврзуваат да работат заедно за да го одбранат мултилатералниот трговски систем заснован на правилата на Светската трговска организација, да го промовираат спроведувањето на Парискиот договор за климатски активности и да работат на имплементацијата на глобалните цели за одржлив развој, информира ЕУ. 

Во однос на билатералната димензија, Договорот ќе им овозможи на Унијата и на Јапонија да ја унапредат безбедносната соработка, заеднички да се справуваат со тероризмот и сериозните меѓународни злосторства и да го спречат ширењето на оружјето за масовно уништување. Дополнително, Договорот треба да придонесе за зајакнување на соработката во повеќе сектори, како Вселената, информатичките и комуникациските технологии, индустријата, енергијата, транспортот, образованието, истражувањето и иновациите. 

Со договорот се предвидува и создавање на Заеднички комитет за координација на партнерството, кој ќе претставува форум за дискусија за сите прашања опфатени со спогодбата, како и за решавање на евентуални спорови. 

Договорот за стратешко партнерство меѓу Европската Унија и Јапонија беше потпишан на 17 јули 2018 година во Токио. Европскиот парламент го одобри на 12 декември истата година, но целокупната ратификациска постапка се одолговлече во земјите членки на ЕУ. Конечно, последната ратификација на документот во членка на Унијата беше извршена на 5-ти овој месец, со што се трасираше патот за носењето на Одлуката на Советот на ЕУ за склучување на Договорот. сп/ 

Фото: Икс

Остани поврзан