• вторник, 24 декември 2024

Стано: Приштина ризикува да остане сама ако не ги слуша пријателите и сојузниците

Стано: Приштина ризикува да остане сама ако не ги слуша пријателите и сојузниците

Белград, 16 август 2024 (МИА) - Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано денеска истакна дека ЕУ, САД, НАТО и Велика Британија јасно и недвосмислено рекле дека е во интерес на Приштина да ги „слуша пријателите и сојузниците“, во спротивно, предупреди, ризикува да биде оставена сама и напуштена, јави дописникот на МИА од Белград.

Стано, на прашањето да ја коментира изјавата на косовската претседателка Вјоса Османи, која неговите изјави за мостот ги нарече „расистички“, рече дека ЕУ нема ништо ново да каже на темата за повторно отворање на мостот.

-Можам само да потсетам за сите оние кои имаат проблем да слушаат и да разберат дека сите пријатели и сојузници на Косово (ЕУ, САД, НАТО, Велика Британија...) многу јасно и недвосмислено кажаа дека е во интерес на Косово да ги слуша пријателите и сојузниците, во спротивно ризикуваат да останат сами, рече Стано.

Тој неколку пати го повтори она што ЕУ ја советуваше Приштина, имено дека „доброто владеење значи да се допре до заедниците погодени од одредени одлуки и да се ангажира со нив“.

-Справувањето со прашањето за мостот во рамките на дијалогот со поддршка на ЕУ значи да се разговара за модалитетите за имплементација на договорите постигнати за мостот, а не за нови договори. Навистина треба да слушате и да се обидете да ги разберете едногласните добронамерни совети на сите пријатели и сојузници, рече Стано.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во четвртокот изјавите на Стано за отворањето на мостот на реката Ибар ги окарактеризира како расистички и додаде дека „кога Стано минува по мостовите во својата земја, тој не бара дозвола од соседите“.

Главниот мост на Ибар ја дели Косовска Митровица на јужниот дел од градот, каде што живеат Албанци, и северниот дел, каде 95 отсто од населението се Срби. Мостот континуирано го чуваат италијански карабинери од КФОР.

Косовските власти најавуваат негово отворање, на што остро се спротивставуваат ЕУ, ОБСЕ, ЕУЛЕКС, КФОР и САД, наведувајќи дека оваа тема мора да биде дел од дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ. об/

фото: МИА архива

Остани поврзан