• среда, 25 декември 2024

Стано: Политичките затвореници во Белорусија мора веднаш да бидат ослободени

Стано: Политичките затвореници во Белорусија мора веднаш да бидат ослободени

Брисел, 6 ноември 2024 (МИА) – Главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано денеска во објава на Икс изрази жалење поради смртта во белоруски затвор на 22-годишниот Дмитриј Шлетауер. 

- По помалку од еден месец во затвор, Дмитриј Шлетауер стана седмиот политички затвореник кој почина. Тој штотуку стана татко. Тоа е жално и ја покажува нехуманата природа на репресијата на (белорускиот претседател Александар) Лукашенко, наведе Стано. 

Тој наведува дела во моментов околу 1300 политички затвореници остануваат притворени од страна на белорускиот режим и се држат во ужасни услови.  

- Мора веднаш да бидат ослободени!, додаде Стано на објавата. 

Во продолжение тој ја пренесува и објавата белорускиот Центар за заштита на човековите права „Вијасна“ за смртта на Шлетауер. 

- Најмалку седум политички затвореници починаа зад решетки во Белорусија од 2021 година. Вчера дознавме за смртта на 22-годишниот политички затвореник Дмитриј Шлетауер во белоруски затвор, се наведува во објавата на „Вијасна“ од 2 ноември. 

Шлетауер е роден во рускиот град Славгород, а од 2018 година има дозвола за престој во Белорусија. Тој живеел во градот Камјанец во југозападниот дел на Белорусија, каде работел во компанија за производство на полимерни производи и амбалажа. 

Шлетауер заедно со неговиот брат биле приведени пред речиси една година. Дмитриј Шлетауер бил задржан во притвор, а неговиот брат подоцна бил депортиран во Русија. 

Пред неколку месеци Шлетауер на затворен судски процес е осуден на 12 години затвор под обвинение за „шпионажа“ и „помагање на екстремистички активности“. Во текот на судењето тој стана татко. 

Бранителите на Шлетауер поднесоа жалба на пресудата, но кон крајот на август таа беше отфрлена од повисока судска инстанца, која ја потврди затворската казна. 

Според „Вијасна“, на „почетокот на есента“ тој бил пренесен на издржување на затворската казна во Казнената колонија број 15 во источниот белоруски град Могилев, каде починал на 11 октомври. Точната причина за смртта засега не е позната. сп/

Фото: Икс

Остани поврзан