• вторник, 24 декември 2024

Стано: Мерките на ЕУ против Приштина може да се зајакнат доколку ситуацијата не се промени

Стано: Мерките на ЕУ против Приштина може да се зајакнат доколку ситуацијата не се промени

Брисел, 8 август 2024 (МИА)  - Во врска со последните дејствија против Србите на Косово портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска изјави дека мерките на ЕУ против Приштина кои се на сила може да се зајакнат доколку сите актери во ЕУ се согласат дека тоа е неопходно и посочи дека Приштина, наместо да презема чекори кон деескалација, презема се повеќе унилатерални акции кои водат кон ескалација, јавија српските медиуми.

На брифинг во Брисел, Стано изјави дека ЕУ се надева оти Приштина „конечно ќе ги слушне пораките“ на ЕУ и меѓународните партнери да не се впушта во „низа контрапродуктивни, негативни, еднострани и некоординирани чекори“ и дека ќе спречи да дојде до тоа да се расправа за какви мерки да се преземат како одговор, доколку ситуацијата не се промени.

Стано, кога станува збор за тоа што планира ЕУ да направи, нагласи дека мерките на ЕУ против Приштина се уште се во сила, бидејќи земјите-членки се уште не одлучиле да постапат врз основа на извештајот на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, што беше поднесен пред неколку недели, во кој се препорача да се укинат мерките против Приштина.

Истовремено, тој оцени дека тоа и не е чудно, бидејќи мерките беа воведени за администрацијата во Приштина во јуни минатата година „поради тоа што се случуваа толку многу работи што водеа до ескалација“.

-Наместо да преземаат чекори кои водат кон деескалација, овие луѓе преземаат се повеќе еднострани акции и чекори кои водат кон ескалација, подвлече Стано.

Тој нагласи дека мерките се уште се во сила и дека во зависност од развојот на ситуацијата може да се зајакнат или ублажат.

-Имаме мерки и овие мерки може да се зајакнат доколку сите актери на ЕУ се согласат дека тие треба да се зајакнат, рече Стано.

Тој потсети и дека ЕУ го искажа својот став во врска со рациите во експозитурите на „Пошта на Србија“ и напорите за, како што рече, „еднострано отворање на мостот на реката Ибар“.

„Во последните неколку дена многу јасно им го изразивме нашиот став на нашите колеги во Косово на повеќе нивоа, на неколку начини и преку многу партнери. Не само ЕУ, туку во основа сите меѓународни партнери на Косово и кажуваат на администрацијата во Приштина да не се вклучи во оваа серија контрапродуктивни, негативни, еднострани и некоординирани чекори. Се надеваме дека конечно ќе ја слушнат пораката и ќе не спречат да размислиме какви мерки ќе преземеме како одговор, доколку ситуацијата не се промени, рече Стано. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан