Стано: И пред Севернокорејците, Русија ангажираше странци во конфликтот во Украина
- ЕУ е свесна дека за нејзината илегална агресија против украинскиот народ Русија бара помош и од странски граѓани и дека и пред неодамнешното ангажирање на војници од Северна Кореја, имаше случаи на регрутирање на државјани на други земји, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во врска со информации дека Русија регрутира Јеменци за учество во конфликтот во Украина, преку компанија поврзана со јеменските бунтовници Хути.
Брисел, 25 ноември 2024 (МИА) - ЕУ е свесна дека за нејзината илегална агресија против украинскиот народ Русија бара помош и од странски граѓани и дека и пред неодамнешното ангажирање на војници од Северна Кореја, имаше случаи на регрутирање на државјани на други земји, изјави денеска портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано во врска со информации дека Русија регрутира Јеменци за учество во конфликтот во Украина, преку компанија поврзана со јеменските бунтовници Хути.
- Не би навлегувал во детали за тоа какви информации имаат земјите членки околу ова, но знаеме дека тоа е исто така еден од начините како функционира Русија и како ја обезбедува потребната сила во луѓе за да ја продолжи илегалната агресија врз украинскиот народ, рече Стано.
Тој додаде дека украинските власти имаат најдобри информации за тоа од кои се држави потекнуваат борците распоредени на териториите на Украина кои се привремено окупирани од страна на Русија.
- Можам само да го повторам она што го реков дека сме свесни оти Русија го користи регрутирањето државјани од други земји за ја продолжи и зајакне својата илегална агресија против украинскиот народ, додаде Стано.
Британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на изјави на наводни јеменски платеници, вчера објави дека Русија во операциите во Украина ангажирала стотици Јеменци, преку компанијата „Ал Џабри Џенерал Трејдинг енд Инвестемент“, поврзана со еден од лидерите на Хутите, Абдулвали Абдо Хасан ал Џабри.
Истите извори тврдат дека за вклучување во редовите на руската Армија за да се борат во Украина, на Јеменците им биле ветувани високи плати, па дури и државјанство на Русија. сп/
Фото: МИА