• среда, 18 декември 2024

Стано: ЕУ го цени придонесот на Албанија, но за ЗСО само во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Стано: ЕУ го цени придонесот на Албанија, но за ЗСО само во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Белград, 9 јуни 2023 (МИА) – Во однос на нацрт-текстот за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) на Косово, што албанскиот премиер Еди Рама им го предаде на Париз и Берлин, портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано денеска изјави дека го поздравуваат секој конструктивен придонес во дијалогот, но оти дијалогот е единствената платформа каде треба да се разговара за спроведување на договорот за ЗСО.

- Како што веќе беше кажано неколку пати, дискусијата и изготвувањето на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово може да се одвива само во рамките на Дијалогот со поддршка на ЕУ, потврди Стано во писмената изјава, пренесе Бета повикувајќи се на Радио Слободна Европа.

Премиерот на Албанија, Еди Рама изјави дека на 7 јуни на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц им го проследил нацртот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, како и дека за тоа ги информирал претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и американската страна.

Портпаролот на Брисел потврди дека постоел план на 5 и 6 јуни во Брисел да се одржи првата расправа на експертите за статутот на ЗСО.

Состанокот бил откажан поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово, а наместо тоа, европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак на тие датуми ги посети Приштина и Белград.

Во меѓувреме, Стано ја потврди подготвеноста на ЕУ да одржи дебата за нацрт-статутот на Заедницата. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан