• недела, 24 ноември 2024

Стано: Азербејџан е одговорен за безбедноста на Ерменците од Карабах 

Стано: Азербејџан е одговорен за безбедноста на Ерменците од Карабах 

Брисел, 29 септември 2023 (МИА) – Азербејџан има одговорност да ги гарантира правата и безбедноста на Ерменците од Карабах, вклучително и нивното право да живеат во своите домови, достоинствено, без заплашување и дискриминација, како и правото на раселените да се вратат дома, порача портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, додавајќи дека од суштинско значење е во следните денови да се овозможи пристап на теренот на Мисијата на ОН. 

- Во моментов се случува масовен егзодус на Ерменците од Карабах, како резултат на воената операција на Азербејџан од 19 и 20 септември и на претходните повеќемесечни блокади на Лачинскиот коридор. Луѓето ги напуштаат своите домови во Нагорно-Карабах и наоѓаат засолниште во Ерменија, додаде Стано. 

Според него неопходно е итно да се обезбеди континуирана непречена хуманитарна поддршка на оние на кои се уште им е потребна во Карабах, како и на оние кои заминаа од регионот.  

- Европската Унија ја поддржува работата на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кој ја олеснува итната евакуација на ранетите и на пациентите, како и обезбедувањето итна помош на теренот, рече Стано. 

Тој додаде дека Европската комисија најави дополнителен пакет хуманитарна помош од пет милиони евра за раселените од Нагорно-Карабах во Ерменија, како и на оние кои се наоѓаат во тешка ситуација во Карабах, нагласувајќи дека ЕУ и нејзините земји членки се подготвени да обезбедат и дополнителна хуманитарна помош. - Европската Унија го нотира најавеното започнување на процесот на регистрација на ерменските жители преку посебен портал од страна на азербејџанските власти. ЕУ ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата на теренот, додаде Стано. сп/ссм/

Фото; МИА Архива

Остани поврзан