• недела, 24 ноември 2024

Стано: Азербејџан да овозможи независен мониторинг на случувањата во Нагорно-Карабах 

Стано: Азербејџан да овозможи независен мониторинг на случувањата во Нагорно-Карабах 

Брисел, 27 септември 2023 (МИА) - Европската Унија бара Азербејџан да дозволи меѓународен пристап до Нагорно-Карабах со цел да се обезбеди поефикасна дистрибуција на неопходната помош, како и да се овозможи независен мониторинг за тоа што се случува во регионот и каков е третманот кон населението, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

Тој повтори дека ЕУ ја осудува употребата на сила за надминување на споровите, дека изразува жалење за страдањето на цивилното население во Нагорно-Карабах и дека смета оти треба итно да им се достави хуманитарна помош на оние лица на кои таа им е потребна.  

Во одговор на новинарско прашање зошто Унијата не го квалификува „иселувањето на една третина“ од Ерменците од Нагорно-Карабах како „етничко чистење“, Стано рече дека ЕУ не смета оти последната воена операција на Азербејџан во Нагорно-Карабах претставува претекст за присилно иселување на луѓето од оваа територија. 

Според него, клучно за следните чекори кон постигнување мир е Азербејџан да ги спроведе преземените обврски за почитување на правата и безбедноста на локалните жители во Нагорно-Карабах, вклучително и нивното право да живеат достоинствено во своите домови.  

Минатата недела и од Париз стигнаа забелешки дека реакцијата на ЕУ во врска со азербејџанската воена акција во Нагорно-Карабах била „несоодветна“, со оценка дека Унијата стравува оти построг тон кон Баку би можел да се одрази врз нејзините економски и енергетски интереси. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан