• четврток, 05 март 2026

Стаменкова: Сто дена посветени на воспоставување ред и систем во општина Македонска Каменица

Стаменкова: Сто дена посветени на воспоставување ред и систем во општина Македонска Каменица

Македонска Каменица, 2 март 2026 (МИА) – Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, по повод 100 дена од преземањето на функцијата информира дека изминатиот период бил насочен кон стабилизирање на институцијата, воспоставување правен ред и поставување јасни системски основи за понатамошен развој на општината.

– Сто дена не се мерат само во бројки, туку во поставени темели. Од првиот ден работиме на воспоставување правен ред и заштита на општината од идни правни и финансиски последици – наведува Стаменкова во објавата.

Таа посочува дека поради потребата од навремено креирање на буџетот, биле организирани буџетски форуми во сите осум села, во градот, како и со претставници на маргинализирани групи, бизнис-секторот, невладините организации и спортските здруженија, со цел утврдување на приоритетите за четиригодишната развојна програма.

Во делот на младинските политики, најавено е формирање Младински совет во рамки на Општинскиот совет, како и подготовка на правилник за финансиска поддршка на оригинални бизнис-идеи на млади претприемачи. Мерките за поддршка на мали и средни претпријатија, според Стаменкова, ќе се реализираат во соработка со Рудник САСА и со надлежните институции, во насока на обезбедување сигурност во пострударскиот период.

Во рамки на социјалните мерки, исплатени се 3.000 денари за секое прваче и 20.000 денари за секој ученик запишан во прва година средно образование. Зголемен е надоместокот за новороденчиња – 30.000 денари за првородено дете во годината, 15.000 денари за секое новородено дете, како и дополнителни 50.000 денари за трето, четврто и секое следно дете. Доделени се 20 стипендии во вредност од по 30.000 денари, а во буџетот се предвидени средства за ученички униформи, поддршка на спортски и невладини здруженија и кофинансирање на услугата „Нега во сопствен дом“.

Во делот на инфраструктурата, Стаменкова информира дека биле затекнати повеќе нереализирани договори и проекти со нерешени имотно-правни прашања. Во тек се активности за нивна правна регулација и продолжување на реализацијата на локалните патишта во повеќе населени места, како и изградба на фекална канализација во село Тодоровци и завршување на фаза од водоводот во Моштица.

Паралелно се спроведуваат активности за генерално чистење на територијата на општината, чистење на канали и одводи, како и регулирање на Каменичка Река во соработка со надлежните институции.

Во областа на здравството и безбедноста, во соработка со Рудник САСА се обезбедени 20 милиони денари за реконструкција на здравствената станица во градот, а предвидена е и набавка на ново противпожарно возило и целосна опрема за територијалната противпожарна единица.

– Овие 100 дена не беа време на спектакл, туку време на ред, исправување и поставување систем. Ова се темелите врз кои ќе се гради иднината на општината – наведува Стаменкова. вс/са/

Фото: Општина Македонска Каменица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан