• четврток, 26 декември 2024

Изложба на илустрирани постери и видео анимации за тоа како да ги користиме и да ги заштитиме податоците во дигиталниот свет

Изложба на илустрирани постери и видео анимации за тоа како да ги користиме и да ги заштитиме податоците во дигиталниот свет

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска ја отвори изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.

-Во Европската Унија, во тек е процесот на преобмислување на целото законодавство што се однесува на користењето на дигиталниот свет. На тој начин се обидуваме на Европската Унија да воспоставиме еднакви правила на игра за сите, исто така, и да ги заштитиме податоците на корисниците, рече на отворањето Дејвид Гир. 

Тој потсети дека законодавството претставува еден дел од приказната, а од другата страна е на кој начин да ги направиме попаметни корисниците во однос на споделувањето информации по социјалните мрежи.

-Не треба да ги користиме дигиталните медиуми за да споделуваме информации, туку како да бидеме попаметни при нашето користење на овие медиуми, порача тој.

Изложбата  „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“ се состои од илустрирани постери и видео анимации, осмислени и подготвени од Тактикал Тек (Tactical Tech), меѓународна невладина организација со седиште во Берлин, коишто сликовито доловуваат какви сѐ типови податоци оставаме зад нас додека секојдневно користиме интернет.

- Веб-страниците, апликациите, социјалните медиуми и „паметните“ уреди постојано се стремат кон иста цел- да им обезбедат милијарди податоци на ИТ компаниите. Не какви било податоци, туку наши податоци. Токму затоа, исклучително важно е интернет-корисниците да знаат што навистина се случува зад екраните - во дигиталниот свет и зошто е важно да го контролираат својот живот онлајн, се посочува во информацијата од МИМ.

Посетителите на изложбата ќе имаат можност да дознаат зошто нашите телефонските броеви не се само наши, колку чинат „бесплатните“ апликации, како  нѐ профилираат, што сѐ може да дознаат за нас преку секојдневните навики на користење и како функционира индустријата за податоци.

Поставката во Скопје ќе биде достапна за посетителите во следните два месеци, а во текот на 2024 година ќе биде поставена и во просториите на „Europe House“ во Крива Паланка и во Струмица.

Изложбата се организира во рамки на петтите по ред Денови на медиумска писменост-2023 (ДМП) што ги организира Мрежата за медиумска писменост. љм/ев/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан