• среда, 25 декември 2024

Став на Ванковска за медиумското соочување на претседателските кандидати 

Став на Ванковска за медиумското соочување на претседателските кандидати 

Скопје, 13 април 2024 

Уште еднаш да потсетам на апсурдноста на изборната трка за претседател на Република Македонија и улогата на медиумите:

Прво, се разговара за т.н. мастер дебата (по американски стил) - но, некои од моите противкандидати почнуваат да поставуваат услови - сакам со овој, ама не и со оној! За мене било кажано дека сум „нереализиран професор”, “радиоактивна” поради штетното влијание на левата идеологија, и ќе губеле време во дебата со мене. Предлогот пропаѓа од необјаснети причини.

Второ, Телма праќа покана до сите, но поставува свој услов - “кворум” од 5 учесници. Таравари има попаметна работа и ќе одел во странство за да се сретне со своите поддржувачи од дијаспората. Остануваме шестмина. Но, врховниот командант на вооружените сили и актуелен претседател одбива дебата, а на тоа се придружува и Бугар Османи (пардон, Бујар) - оној што прв почна со дискриминација за ифтарска вечера.

Трето, националниот сервис МТВ прави последен обид да нѐ собере, но почнува со фаворизираните кандидати (што е дискриминаторски однос кон сите други). Тие двајца си го земаат правото да водат уредувачка политика на МТВ: даваат ултиматум - или сите седум или нема дебата!?! По која логика гласот на Стево и Гога има поголемо влијание од тој на останатите!?! Но, по некое чудо сега проблем е согласноста на двајцата албански кандидати. Сега овие двајца (заедно со веќе споменатите) одлучуваат за нај демократскиот чин во изборната кампања - СООЧУВАЊЕ на личности и програми! Морам тука да спомнам дека тоа се претставниците на заедницата чии гласови досега беа решавачки за избор не само на претседател туку и на влада.

На крај морам да цитирам еден пријател новинар од регионот кој во лична комуникација, зачуден од оваа наша пракса, ми вели: koji će vam k…c nacionalni servis ako nisu u stanju organizirati suočavanje kandidata!?!

Во ваква ситуација, кога е бал се мислам дали да го направам маскенбал, циркусот да се разголи: па сега јас давам услов! МТВ ако сака да го сочува достоинството на национален сервис МОРА да организира соочување макар и со празни столчиња за плашливците и калкулантите. Соочувањето не е ифтарска вечера туку ОБВРСКА кон македонската јавност!

Претседателски кандидат Билјана Ванковска 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: МИА архива 

 

Остани поврзан