• сабота, 23 ноември 2024

ССНМ: Слободни новинари, слободно општество

ССНМ: Слободни новинари, слободно општество
Скопје, 3 мај 2021 (МИА) - Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници по повод 3 Мај – Светскиот ден на слобода на медиумите ја испраќа пораката дека само со одговорно, етичко и квалитетно новинарство можеме да се бориме против сите закани кон медиумите и новинарите. - Оваа формула е успешна и во борбата за економско-социјалната стабилност на новинарите, но и како одговор против малициозните фабрики за лаги кои се претставуваат како новинарство. Токму овие закани кои го инструираат и извртуваат информирањето и ги лишуваат граѓаните од точни и проверени информации не се закана само за новинарството, туку и за функционирањето на демократијата и за понатамошен развој на општеството. Слободно новинарство е еднакво на квалитетно општество, се наведува во соопштението на ССНМ по повод Светскиот ден на слобода на медиумите. Од Синдикатот посочуваат дека изминатата година новинарите и медиумските работници, како и организациите во кои работат, се соочија со сериозни проблеми поради пандемијата, но успеаа и покрај сите пречки да ги извршуваат своите задачи. - Ако највисоката цена за слободата на изразувањето е човечкиот живот тогаш нашата професија ја чинеше пет пати повеќе. ССНМ оддава почит кон петмината колеги кои во време на пандемијата ја загубија битката со Ковид- 19, а нивната посветеност во извршувањето на работните задачи останува вредна за споменување и патоказ дека само одговорно и чесно може да се постигне интегритет на поединецот како нуклеус на оваа префесија, се истакнува во соопштението. Синдикатот потсетува и дека  Меѓународната федерација на новинари, чија полноправна членка е ССНМ, неодамна издаде „Бела книга за глобалната состојба на новинарството“, во која првото поглавје е насловено како: „Убиено и затворено новинарство“. - Токму овој наслов ги објаснува најголемите проблеми на професијата денес. Во последните 30 години убиени се 2,658 новинари, а во моментов 235 новинари се во затвор. Во Македонија за среќа не бележиме фатални ситуации, но длабоко поделената јавност, која се храни од омраза и вербално насилство создава атмосфера во која да се биде новинар, снимател, фоторепортер, значи да се биде изложен на сериозен ризик, потенцира ССНМ. Затоа, се додава во соопштението, ССНМ и ја предложи и ја води заедно со ЗНМ иницијативата за промени во Кривичниот закон и за институционална заштита на новинарските екипи додека работат. - Оттука испраќаме порака до властите во Македонија конечно да ги реализираат ветувањата и во најкус можен рок предлогот нападите врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице да биде усвоен во Собранието, бара Синдикатот. ССНМ нагласува дека повторно забележа година во која постојано се прекршуваа работничките права во медиумите, а новинарите и медиумските работници продолжија да бидат недоволно платени, во прекаријатски однос, со несигурни работни места. - Девизата дека уплашени и економски и социјално несигурни новинари и медиумски работници не може професионално да ја извршуваат својата основна задача – одбрана на јавниот интерес – е актуелна и денес. Затоа сметаме дека само зајакнување на работничките права и на социо-економската состојба на новнарите ќе придонесе кон поголема слобода на медиумите и попрофесионални медиумски производи. Испреговараните субвенции за плати и придонеси за вработените во медиумите помогнаа да не бележиме масовни отпуштања или затворање на медиуми, но кризата со финансирањето на медиумите мора да се решава системски, а не со ад-хок и брзи решенија, смета ССНМ. Синдикатот ја повторува својата заложба дека никако не смее да се дозволи да бидат истурани државни пари во медиумите како во неодамнешното минато, пракса која покажа дека тоа е најлесниот пат за корумпирање на медиумите и затоа и во оваа прилика повторува дека државната помош за медиумите мора да се води според два основни принципи – помош за новинарството и за развој на медиумите, односно финансиските средства да завршуваат кај работниците и во новинарскиот производ според однапред креиран систем со силна контрола и увид, односно процес во кој рамноправен партнер ќе биде синдикатот. - „Новинарството е јавно добро“ и така треба да биде третирано и од државата и од јавноста и од медиумите. ССНМ им го честита 3-ти мај на сите медиумски работници со очекување дека само здружени и преку чесно, одговорно и платено новинарство можеме да придонесеме за квалитетот на новинарската професија, а воедно и максимално ползување на слободата на изразување и слободата на медиумите како уноиверзални човекови права, се додава во соопштението на ССНМ по повод 3 Мај. сп/

Тагови

Остани поврзан