• петок, 27 декември 2024

ССМ поднесе барање до Судскиот совет за разрешување на тројцата врховни судии кои донесоа одлука за одземање на работничкиот дом

ССМ поднесе барање до Судскиот совет за разрешување на тројцата врховни судии кои донесоа одлука за одземање на работничкиот дом

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) – Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) поднесе барање до Судскиот совет за утврдување на одговорност на тројцата врховни судии кои ја имаат донесено одлуката за одземање на работничкиот дом.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов денеска пред Судскиот совет рече ССМ бара судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев и Исамедин Лимани да бидат разрешени од функцијата вршење на судија во постапка спроведена со закон.

Судиите, вели Трендафилов, ја искористиле поставеноста на Врховниот суд во судската хиерархија, против чија одлука не постои ефикасно правно средство во домашниот правен поредок.

– Денеска сме тука пред Судскиот совет да поднесеме барање за утврдување на одговорност на тројцата судии. Со носење на пресудата за одземање и конфискација на работничкиот дом, Наќе, Шпенд и Исамедин, кои не заслужуваат ниту да бидат нарекувани судии, намерно и неоправдано направиле крупна и непрофесионална грешка која има тешки последици, поради што истите не се достојни за натамошно вршење на функцијата судија, рече Трендафилов.

Тој упати порака до државниот правобранител да се воздржи од преземање на било какви чекори против работниците и Сојузот на синдикати на Македонија, бидејќи како што рече, се уште постојат правни механизми во државата, како и пред меѓународните организации.

– Одговорност ќе бараме од сите. Имаме правни механизми и пред меѓународните организации кои ќе ги добиеме и штетата што ќе ја направат, доколку направат таков чекор да ја упишат сопственоста на зградата на име на Република Македонија, а на штета на работниците ќе ја платат скапо за неколку месеци поради изборите, посочи Трендафилов.

Судскиот совет минатата недели соопшти дека со внимание ги следи реакциите во јавноста, во врска со одлуката на Врховниот суд, која се однесува на Сојузот на синдикатите на Македонија и во рамките на своите надлежности презема дејствија во насока на констатирање на состојбата.

Врховниот суд на 9.11.2023 година донесе пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој тужител е Република Северна Македонија против тужениот Сојузот на синдикатите на Македонија Скопје, за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува административна зграда како објект од општ интерес за државата. Со одлуката се одзема работничкиот дом од ССМ и се доделува на државата. ра/аа/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан