• среда, 25 декември 2024

Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март

Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март

Скопје, 23 април 2024 (МИА) - Минималната синдикална кошница за април изнесува 60.212 денари и е за 1.214 денари повисока отколку во март годинава кога беше 58.998 денари. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 75.587 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 22.200 денари или 36,9 отсто, за облека и обувки 4.866 денари, односно 8,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.014 денари или 10 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 1.827 денари или 3 отсто, за здравје 1.059 денари или 1,8 отсто, за транспорт 5.068 денари, односно 8,4 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3.004 денари, односно 5 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.378 денари или 7,3 отсто, за образование 6.955 денари или 11,6 отсто, за ресторани и хотели 3.890 денари или 6,5 отсто, а за останати стоки и услуги 950 денари, односно 1,6 отсто.

Доколку живеат во изнајмен стан потребни им се дополнителни 15.375 денари. вј/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан