• петок, 27 декември 2024

ССМ бара одговорност и оставка од Врховен суд доколку е точно дека донел пресуда за одземање на работничкиот дом (ДПЛ)

ССМ бара одговорност и оставка од Врховен суд доколку е точно дека донел пресуда за одземање на работничкиот дом (ДПЛ)

Скопје, 24 јануари 2024 (МИА) - На вонредна прес-конференција, денеска претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ.

 Трендафилов повика на одговорност и рече ќе побараат оставка од претседателот на Врховниот суд, како и од Советот на судии доколку донел ваква одлука.

-Од 1992 година правени се разни обиди да се грабне, да се приграби овој објект како Работнички дом во интерес на некои елити. Тоа што го правеа со фабриките што ги градеа работниците сакаат да го направат и со Работничкиот дом и во низа години се правеле разни обиди, се воделе разни постапки со кои се сакало да се одземе имотот, меѓутоа аргументите биле пресилни. Средствата кои сме ги двоеле биле преголеми. Документите со кои сме располагале од одобрение за градба, од инвестициска програма, од договори за изградба, од обезбедени финансиски средства преку банка – синдикални пари зборувам, не зборувам пари од државата, од целокупните произнесувања на сите органи – одобрение за употреба на оваа зграда и слично, се на име и на сметка на ССМ и на никој друг, рече Трендафилов.

Вели загрижува ваквата правна формулација која Врховниот суд ја прави врз основа на сопствено мислење, без аргументација, и како што рече, без користење на статути, устав и закони.

-Загрижува тоа што утре на кој било во ова општество може да му текне да одземе имот што е граден во тој период. Тука се политички партии, разни други организации и правни лица. За жал, ова може да значи погубно нешто за граѓаните во државата. Ако имаме во предвид дека најголем дел од нашите родители и татковци имаат купено општествени станови во општествени згради утре некој ваков корумпиран судија, суд може да донесе одлука да ни ги земе нашите домови, нашите станови и да не избрка тука, посочи Трендафилов.

Додава дека претседателот на Врховниот суд бил вклучен додека извршувал функција заменик јавен правобранител во постапка од 2005 година сакал да го земе имотот на работничкиот дом и како што рече, денеска од позиција на моќ ги преиначи сите постапки во кој тој бил неуспешен.

-Ние сме веќе во војна со Врховниот суд. Во војна се знае како се постапува – ние мора да се браниме кога тие не напаѓаат. Меѓутоа, наредниот период ние ќе напаѓаме многу повеќе од тоа што сме го правеле во минатото. Ќе се бориме против корумпираното судство. Ние слушавме политички флоскули на функционери дека само што не започнале да се борат против корупцијата во судството, меѓутоа сметаме дека со поддршката на работниците, со поддршката на оние на чија штета одлучуваат ваквите корумпирани судови, оние на чија штета се носени одлуки за одземање на нивните домови, како што е тоа Домот на работниците, ќе се избориме и еднаш засекогаш, заклучи Трендафилов. ра/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан