• понеделник, 29 јули 2024

ССКЛ со безусловна поддршка за колегите од AlbControl

ССКЛ со безусловна поддршка за колегите од AlbControl
Скопје, 8 април 2021 (МИА) - Струковиот Синдикат на Контролорите на Летање (ССКЛ), како синдикат кој ги претставува контролорите на летање во Република Северна Македонија, ја искажува во целост и безусловно својата поддршка на своите колеги од AlbControl, по добиените информации кои се однесуваат на притисоците и нападите врз нивните колеги од Албанија. - Во овие кризни времиња, кога целиот свет е затекнат од ковид-пандемијата, контролорите на летање се есенцијален дел од авио-индустријата, кои максимално почитувајќи ги протоколите за заштита, со своето секојдневно присуство на работните места безусловно продолжуваат да се грижат за безбеден, редовен и експедитивен воздушен сообраќај, притоа непотпомогнати од никого, стои во денешното соопштение од ССКЛ. Во текот на последните 25 години, низ секојдневна и континуирана соработка со контролорите на летање од Албанија, се наведува во соопштението, сме се сретнале со разумни и вредни луѓе, а пред се професионалци со кои заеднички обезбедуваме безбеден проток на воздушниот сообраќај низ овие простори. - Обидите, тие да бидат прикажани во Албанија како непријатели на народот се само резултат на немоќ и немањето на желба за изнаоѓање вистинско решение на проблемот од страна на нивните менаџерски и владини структури. Крајно време е политичарите во регионот да разберат дека во нашата стресна професија, а во која се водиме и работиме според строги правила и норми дефинирани од ЕУРОКОНТРОЛ и други меѓународни институции, преку кои обезбедуваме најбезбеден и најбрз транспорт на луѓе и добра, нема простор за политика и политички битки во кои нашите колеги би биле користени како оружје. Едноставно, безбедноста во авиосообраќајот тоа не го дозволува! Заканите и обидите контролорите на летање од Албанија да бидат заменети со контролори на летање од други држави се само излитени фрази од непрофесионалци и тие нема да успеат! Контролорите на летање, насекаде низ светот, знаат да ја ценат својата професија исто како и своите колеги!, наведуваат во соопштението од Струковиот синдикат на контролорите на летање. Апелираат до надлежните во Албанија да изнајдат решение на конфликтот преку конструктивен дијалог, а не преку притисоци и закани. цр/ац/

Остани поврзан