• четврток, 26 декември 2024

Српска листа: Го спречивме планот на Курти да го смени Уставот

Српска листа: Го спречивме планот на Курти да го смени Уставот
Приштина, 17 ноември 2022 (МИА) – Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), соопшти дека нејзините нови членови на Собранието на Косово, кои денеска положија заклетва, откако досегашните пратеници од таа партија поднесоа оставка пред десет дена, ги верификуваа нивните мандати само технички, колку да ги обезбедат местата во Парламентот, и веднаш потоа ја напуштија пленарната седница, јави дописникот на МИА од Приштина. СЛ тврди дека верификувањето на пратеничките мандати на нејзините членови претставува „стратешка одлука“ со која се спречил планот на премиерот Албин Курти „и неговите колаборационисти“ да го смени Уставот, на штета на српската заедница во Косово. Како колаборационист на Курти, СЛ ја оквалификува претседателката на партијата Европско движење на Србите во Косово и Метохија, Рада Трајковиќ, која ги критикува нејзините српски опоненти, тврдејќи дека работат на штета на српскиот народ и користат криминални методи за заплашување на населението во северно Косово. - Денешната стратешка одлука“ директно го наруши остварувањето на планот на премиерот Албин Курти и неговите колаборационисти да го смени Уставот и законите со кои се гарантираат правата на српскиот народ во Косово и Метохија. Намерата на Курти и на Рада Трајковиќ е да се изгласаат уставни промени кои би воделе кон поништување на српските општини, одземање на имотот на Српската православна црква, укинување на српскиот јазик и на правото на претставување во институциите, се вели во соопштението на СЛ. Пратениците на СЛ ги повлекоа своите мандати од Собранието на Косово поради одлуката на Владата на Курти да воведе санкции кон оние кои нема да ги променат табличките издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово, а оставки од државните и локалните институции, на повик на СЛ, поднесоа и другите косовски Срби. иа/паг/

Остани поврзан