• вторник, 24 декември 2024

Српска вечер на „Охридско лето“ со оперските солисти Љубица Вранеш – мецосопран и Драгољуб Баиќ - бас

Српска вечер на „Охридско лето“ со оперските солисти Љубица Вранеш – мецосопран и Драгољуб Баиќ - бас

Охрид, 18 август 2024 (МИА) – Претпоследната вечер од музичкиот дел на „Охридско лето“ ќе мине во знакот на уметници од Србија, со концертот на мецосопранот Љубица Вранеш и басот Драгољуб Бајиќ, во придружба на пијанистката Наталија Мијаиловиќ.

Мецосопранот Љубица Вранеш, солистка на Народниот театар во Белград, дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Белград во класата на проф. Радмила Бакочевиќ во чија класа и магистрира. Добитник е на прва награда како и награда за најдобра мецосопран на натпреварот „Никола Цвејиќ“, како и на прва награда на меѓународниот натпревар „Петар Коњовиќ“. Била член на оперското студио на Народниот театар со кое раководи проф. Никола Китановски,  и на оперското студио „Борислав Поповиќ“ кое го водат проф. Радмила Бакочевиќ и маестро Дејан Савиќ. Член е на оперскиот ансамбл во Народниот театар во Белград.  Во улогата на Фенена во Вердиевата опера „Набуко“ дебитира во операта во Темишвар, по што ѝ се отвораат вратите на сцените ширум Романија. Настапува во првата, историска изведба на рок-операта „Кармен“ во Крајова, а потоа и во продукциите на „Кармен“ во Темишвар, Букурешт, Тирана, Пловдив и др. Настапува во продукциите на оперите „Отело“, „Дон Карлос“, „Риголето“, „Набуко“, „Кавалерија Рустикана“, „Самсон и Далила“ и др.

Драгољуб Бајиќ пеење започнува да учи во музичкото училиште „Станковиќ“ во класата на проф. Љубица Живковиќ и набргу станува член на оперското студио на Народниот театар во Белград. Факултетот за музичка уметност на отсекот соло-пеење го завршува во класата на проф. Никола Мијаиловиќ во чија класа докторира во 2023 година, по што станува доцент на овој факултет. Освојува бројни награди во земјата и странство меѓу кои се издвојуваат трите први награди на натпреварите: „Војислав Вучковиќ“, „Петар Коњовиќ“ и „Лазар Јовановиќ“. Лауреат е на републичкиот натпревар за соло пејачи во 2003 година, а лауреат и добитник е на наградата за најдобра изведба на зададена композиција на Меѓународниот натпревар на музичката младина од Белград во 2008 година, како и на натпреварот „Елена Теодорини“ во Крајова. Во периодот 2006-2008 е стипендист на фондацијата „Музички театар“ од Виена како најперспективен глас од Балканот. Во 2009 година соработува со еден од најголемите диригенти на денешницата – Рикардо Мути со него настапува на неколку концерти во Салцбург, Равена и Фиренца, по што следува ангажман во Виенската „Штатс опера“ во сезоната 2009/10. Настапува во оперски куќи и концертни сали во Виена, Кан, Копенхаген,Темишвар, Сараево, Скопје, Дубаи, Сеул, Москва, а во моментот е постојан гостин на Националниот театар во  Букурешт. Солист е во операта на Народниот театар во Белград од 2004 година, а од 2017 година е првак на оваа опера на чија сцена успешно ги изведува носечките улоги во неговиот оперски фах.

Пијанистката Наталија Мијаиловиќ е родена во 2003 година во Белград, а музичкото образование го започнува на пет годишна возраст. Средното образование го завршува во музичкото училиште „Мокрањац“, а студент е на ФМУ во Белград во класата на проф. Маја Рајковиќ. Носителка е на бројни награди од државни и меѓународни натпревари меѓу кои и лауреат на натпреварот „Мокрањац“, прва награда на пијанистичките натпревари  „Славенски“ и „Петар Коњовиќ“ , а и награди од „Николај Рубинштајн“ во Париз и натпреварите „Open music competition” и „Constantine the great”. Учесник е на бројни фестивали, а посетува семинар за интерпретација на италијанска камерна музика и оперски репертоар во Торино. Ангажирана е од Белградската опера како корепетитор,  а настапува солистички на сцената „Раша Плаовиќ“ во Народниот театар, во белградски „Коларац“, во Рускиот дом, во „Гварнериус“, во Италијанскиот културен центар, во музејот на Народниот театар итн.

Концертот ќе се одржува во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. аб/дма

фото/Охридско лето

 

Остани поврзан