• недела, 24 ноември 2024

Српската опозиција донесе декларација за бојкот на изборите

Српската опозиција донесе декларација за бојкот на изборите
Белград, 2 јануари 2020 (МИА) - Опозицијските партии обединети во коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и други партии меѓу кои и Движењето на слободни граѓани (ПСГ) кои имаат донесено одлука за бојкот на пролетните парламентарни и локални избори во Србија, синоќа во Комбанк Арена во Белград усвоија Декларација во која се обврзуваат дека „секој обид за формирање влада заснована врз резултатите од лажните избори ќе се смета за чин на соборување на уставниот поредок“, јави дописникот на МИА од Белград. - Ние таквата власт ќе ја сметаме за нелегитимна и против неа ќе се бориме со секаков вид на отпор и граѓанска непослушност. Ќе ја продолжиме борбата за слободни медиуми и за слободни и фер избори со сите расположиви законски средства со цел демократизација на Србија, се наведува во Декларацијата. Во неа се додава и „дека ќе се спротивстават на насилството, особено на секој екстремизам поврзан со режимот“. - Ние се обврзуваме на солидарност во заштитата на сите ранливи граѓани кои се погодени од моќта на власта поради поинакво мислење или критичко дејствување и ќе дадеме помош и заштита. Ќе продолжиме да соработуваме со сите организации и поединци кои имаат иста цел. Ќе ги продолжиме разговорите со претставниците на ЕУ и на други земји и организации кои ги поддржуваат демократските вредности, слободата на медиумите и слободни избори, стои во Декларацијата. Како што се наведува во Декларацијата на опозицијата, тие на граѓаните им ветиле „бојкот на узурпираниот парламент, што го имаат исполнето, а сега се исполнува и бојкотот на изборите, како што беше ветено“. „Ние им ветуваме на граѓаните дека Србија ќе добие слободни и фер избори и ние тоа ќе го исполниме. Одиме во бојкот. Во бојкот за Србија“, се заклучува во Декларацијата. На собирот се обрати претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас. - Треба да им овозможиме на граѓаните кога некој ќе ги праша како си, да кажат добро сме. Велат дека српската опозиција донела одлука да оди на бојкот. Не. Српската опозиција донесе одлука да го послуша својот народ, рече Ѓилас. На собирот во Комбанк арената се обратија и лидерот на Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, претседателот на Движењето за слободни граѓани (ПСГ), Сергеј Трифуновиќ, лидерот на Двери Бошко Обрадовиќ, потпретседателот на Демократската странка (ДС) Драгана Ракиќ и други. Декларацијата на собирот беше прочитана од страна на лидерот на Движењето за пресврт, Јанко Веселиновиќ, а присутните ја усвоија едногласно со подигање на гласачките ливчиња на кои пишуваше „Бојкотирам“. По собирот, со кој е означен почетокот на кампањата на бојкот на изборите, присутните се упатија на протестната прошетка на плоштадот „Никола Пашиќ“ па се до зградата на РТС. об/

Остани поврзан