• сабота, 23 ноември 2024

Српската Влада менува образовни закони: Помалку ученици во паралелката, пократки рокови за дисциплински постапки

Српската Влада менува образовни закони: Помалку ученици во паралелката, пократки рокови за дисциплински постапки

Белград, 25 август 2023 (МИА) - Владата на Србија денеска усвои предлози за измени на повеќе закони од областа на образованието, со кои, меѓу останатото се овоможува од второ оделение основно училиште оценката на ученикот по владение да биде вклучена во просекот на оценките на крајот на полугодието и на крајот на годината.

Со новите закони се овозможува отстранување на ученик од настава на минимум пет дена во случај на сериозно прекршување на обврските на ученикот.

Измените носат и можност за зголемена воспитно-образовна работа со ученици кои вршат насилство или пројавуваат проблематично однесување надвор од училишните простории, како и можност за општествено корисна работа и ангажирање на учениците во рамки на зголемена воспитно-образовна работа.

Предвидени се скратени рокови за поведување и водење дисциплинска постапка во случаи на тешки прекршувања на ученичките обврски и одложување на испишување на средношколци додека се водат дисциплински постапки, како и обврска за поинтензивна соработка и комуникација на сите институции кои се занимаваат со заштита од насилство (училишта, МВР, центри за социјална работа, локални заедници).

Предвидено е и намалување на бројот на ученици во паралелката од следната учебна година на најмногу 28.

Исто така, една од предложените измени на законот предвидува рокот за почеток на спроведувањето на државната матура да се помести за учебната 2025/2026 година.

Министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ изјави дека со сетот образовни закони значително ќе се подобри образовниот систем, особено кога станува збор за превенција и одговор на насилството во образовните институции.

-Со изменување и дополнување на основните и посебните закони од областа на образованието, ја зајакнуваме воспитно-образовната функција на училиштата и овозможуваме имплементација на утврден сет мерки за подобра превенција и поефективен одговор и делување во случаите на насилство во училиштата, рече Ѓукиќ Дејановиќ. об/рп/ 

Остани поврзан