• четврток, 19 декември 2024

Средношколците од здравстената струка од „Ѓорче Петров" Крива Паланка на практична настава во „Диаверум"

Средношколците од здравстената струка од „Ѓорче Петров

Крива Паланка, 17 јуни 2024 (МИА) - Учениците од здравствената струка во средното општинско училиште „Ѓорче Петров" Крива Паланка ќе можат да изведуваат практична настава во современиот Центар за дијализа  „ Диаверум", откако двете институции потпишаа договор за соработка.

- Оваа соработка ќе придонесе кон усовршување, развој и  оспособување на учениците кои се стремат да бидат успешни медицински лица. „Диаверум" е најнова во листата здравствени установи од приватниот сектор со која училиштето потпишува меморандум за соработка, а нашите ученици од здравствената струка изведуваат практична настава и во јавната здравствена установа „Димитар Арсов", Крива Паланка. Постојано сме во комуникација со сите институции и компании што можат да придонесат за поквалитетно практично усовршување на учениците од стручните паралелки и во пресрет на претстојните уписи во училиштето на идните средношколци им нудиме одлични услови за настава и надградба на знаењата, рече директорката на СОУ „Ѓорче Петров", Елена Ѓоргиевска.

Менаџерот на клиниката „Диаверум" во Куманово и Крива Паланка, Фросина Ефремовска, посочи дека како општествено одговорна компанија, покрај својата основна дејност -дијализа, нефролошки амбуланти и грижа за своите пациенти и вработени, „Диаверум" постојано спроведува различни активности за подигнување на свеста на луѓето за сопственото здравје, пред сѐ бубрежното, како и превенција и едукација, служејќи се со своите компетенции.

-Во контекст на подигнување на свеста на луѓето за здравјето, прес сѐ бубрежното, откако бев поставена за одговорно лице во „Диаверум" - Крива Паланка, меѓу другото,  отпочнавме со различни соработки со локалната заедница. Една од нив е и потпишувањето на меморандумот за соработка со СОУ „Ѓорче Петров". Со директорката најдовме заеднички цели и идеи и се одлучивме да пристапиме кон реализација на дел од планираните активности. Заедно со учениците од медицинската струка ќе работиме на надоградба на знаењата и отворање нови можности за нив. За нас соработката е можност да го пренесеме нашиот концепт на идните здравствени работници , а тоа е концепт на вистинска грижа и високо ниво на медицинска нега. За училиштето ова подразбира непосредна можност за едукација, пракса и поблиску запознавање на работата во еден современ дијализен центар, но и важноста на едукацијата, превенцијата и подигнување на свеста за здравјето, рече Ефремовска. 

За учениците од медицинска струка веќе беше организирана посета на дијализниот центар во Куманово каде ментор од „Диаверум" одржал едукативна работилница, а учениците одблиску се запознале со работата на центарот и имале можност да изведат некои чекори од постапките за нега. 

- Со училиштето имаме многу планови за реализација, како: практична настава во дијализниот центар, подготовка на заеднички едукативни настани, проекти за нашите пациенти, соработка со Здружение за дијабетес и друго. Пријатно сум изненадена од интересот и енергијата на учениците, директорката и професорите за ваков тип на соработка. Учениците се прекрасни млади луѓе, полни со ентузијазам, желба за учење и напредок, што за мене лично носи надеж дека во иднина ќе израснат во вистински професионалци кои ќе се грижат за нашето здравје, но и ќе ја подигнат свеста за превенција, додаде Ефремовска.

Компанијата има потпишано и Меморандум за соработка со  Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија што значи и на ова поле се планирани неколку активности во градот, а секогаш се отворени за иницијативи и соработки што носат придонес во локалната заедница и општеството генерално. ид/лв/

 

Остани поврзан