• четврток, 26 декември 2024

Средното велешко училиште „Коле Неделковски“ стана прво верифицирана за обуки за возрасни

Средното велешко училиште „Коле Неделковски“ стана прво верифицирана за обуки за возрасни

Велес, 2 септември 2024 (МИА) - Средното училиште „Коле Неделковски“ стана прво верифицирано училиште во Општина Велес кое има дозвола да врши обуки за возрасни за аргон заварувач, за готвач гастроном и за возач на вилушкар.

Директорката на училиштето Весна Стојанова Богоевска истакна дека од овој месец стартуваат со обуките за кои ќе има јавен повик за сите заинтересирани возрасни да се пријават на овие обуки. Потсети дека во оваа велешко средно училиште, како и во уште  едно средно во Скопје има и обука и за професионален пожарникар.

-Самите програми за овие три профили аргон заварувач,готвач гастроном и возач на вилушкар беа напишани од страна на нашите колеги, вработени во училитето,а беа верифицирани од Центарот за образование на возрасни. Ние ја добивме верификацијата и од овој месец стартуваме со обуките за возрасни за кои ќе има јавен повик да се пријават сите заинтересирани, појасни Стојанова Богоевска.

Таа потенцира дека  пазарот на трудот диктира нови профили и занимања коишто ги нема во формалното образование и поради тоа тие како средно стручно училиште  се прилагодуваат на потребите на  пазарот на трудот и веќе напишале програма за неформално образование за возрасни.

Директорката најави дека во следните неколку месеци оваа година ќе започне и процесот на валидација на стекнати вештини, а што пред две години се спроведе како пилот проект во средното училиште „Лазар Теневски“ во Скопје.

-Сега и петте регионални центри односно петте државни училишта во земјава меќу кои и ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ од Велес ќе можат да можат да прават валидација на стекнати вештини каде што граѓаните од целата држава коишто во теко на животот стекнале некои вештини, но немаат документ ќе доаѓаат кај нас и останатите центри за проценка колкав е процентот на стекнатите вештини. Воедно и дали треба да дополагаат за да го добијат неопходниот документ, а кој е поразличен од дипломата со која се стекнува во редовното формално средно образование, појасни Стојанова Богоевска.ад/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан