• вторник, 24 декември 2024

Средби на Фон дер Лајен со Вучиќ, Курти и Чолаку: Западниот Балкан да се доближи до ЕУ

Средби на Фон дер Лајен со Вучиќ, Курти и Чолаку: Западниот Балкан да се доближи до ЕУ

Брисел, 21 август 2023 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вечерва во Атина имаше билатерални средби со шефот на српската држава Александар Вучиќ и со премиерите на Косово и на Романија, Албин Курти и Марчел Чолаку.

Како што објави Фон дер Лајен на социјалната мрежа Икс, со српскиот претседател Вучиќ разговарале за потребата од конструктивен ангажман за деескалација на ситуацијата на северот на Косово и за напредокот на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ. 

- Поблиската интеграција меѓу ЕУ и Западен Балкан е од витално значење, особено во услови на руската војна против Украина, наведе Фон дер Лајен во објавата на Икс.

Потребата од деескалација на тензиите на северот на Косово, како и обновата на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и спроведување на договорите за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, биле теми на разговор на средбата на Фон дер Лајен со косовскиот премиер Курти. 

- Од витално значење е да се урнат бариерите во регионот и Западниот Балкан да се доближи до ЕУ, наведе претседателката на Еврокомисијата во објавата на Икс по средбата со Курти.

Со романскиот премиер Чолаку, Фон дер Лајен разговарала за поддршката за Украина, за виталната улога на Романија во преносот на житни култури од Украина на светските пазари, како и за планот на Европската комисија за закрепнување наречен „Следна генерација ЕУ“.

- Исто така, повторно ја нагласив мојата целосна поддршка за пристапувањето на Романија во Шенген зоната, наведе Фон дер Лајен, оценувајќи ја средбата со Чолаку како „многу добра“.

Средбите на Фон дер Лајен со Вучиќ, Курти и Чолаку се одржаа пред неформална вечера што вечерва во Атина ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за лидерите од земјите од Западниот Балкан и членките на ЕУ од регионот на која присуствува и премиерот Димитар Ковачевски.

На неформалната вечера организирана по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателите на Молдавија и на Црна Гора, Маја Санду и Јаков Милатовиќ, како и премиерите на БиХ – Борјана Кришто, на Бугарија – Николај Денков и на Хрватска – Андреј Пленковиќ. сп/нд/

Фото: Икс

Остани поврзан