• среда, 18 декември 2024

Средби на Комисијата за национална безбедност на Парламентот на Албанија со членови на надзорните комисии во Собранието на Северна Македонија

Средби на Комисијата за национална безбедност на Парламентот на Албанија со членови на надзорните комисии во Собранието на Северна Македонија

Скопје, 10 декември 2024

Пратеници од двете надзорни работни тела во Собранието на Република Северна Македонија - Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, остварија одделни средби со Комисијата за национална безбедност на Парламентот на Република Албанија, чии членови престојуваа во посета на Скопје.

На средбата со Комисијата за надзор над АНБ и АР, заменик-претседателот на ова работно тело, Блерим Беџети истакна дека честите средби на парламентарно ниво се показател за вредоноста на односите меѓу двете земји, како и за споделувањето исти вредности и интереси, но и за соочување со слични предизвици, меѓу другото и во однос на регионалната безбедност.

Заменик-претседателот на Комисијата за надзор над следењето на комуникациите, Борче Цветков, пак, на средбата со колегите од Албанија, го истакна значењето на ова тело во однос на превенцијата на евентуални нови случаи на незаконско прислушување. Тој посочи дека оваа Комисија е единствена во Собранието на РСМ, чија структура е поставена со Закон, така што со неа претседава пратеник од опозицијата, која го има и мнозинството во работното тело.

Пратениците од Албанија и од Северна Македонијаразменија мислења за поставеноста на работните тела од областа на безбедноста во двата парламента, заклучувајќи дека станува збор за различни концепти. Додека во Парламентот на Албанија, во кој има вкупно осум комисии, оваа област е покриена со едно работно тело, односно со Комисијата за национална безбедност, во Собранието на Северна Македонија има три комисии кои ја третираат оваа проблематика, вклучително со Комисијата за одбрана и безбедност.

Пратениците од Собранието на РСМ, исто така, ги информираа колегите од Албанија, за реформите во безбедносниот сектор што се преземаа во изминатите години, за пуштањето во употреба на Заштитената соба, за соработката со ДИКАФ во делот на проекти за зајакнување на надзорната функција на законодавната власт во однос на безбедносните служби, како и за улогата на Советот за граѓански надзор, кој е во фаза на конституирање.

Собрание на Северна Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Собрание на Северна Македонија 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан