• четврток, 26 декември 2024

Средба Џафери - Даштевски: Фер избори по европски вредности и придонес во напредокот кон ЕУ

Средба Џафери - Даштевски: Фер избори по европски вредности и придонес во напредокот кон ЕУ

Скопје, 21 март 2024 (МИА) - Обезбедувањето фер и демократски избори била тема на денешната средба на техничкиот премиер Талат Џафери и претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски и членовите на Комисијата. Тоа, било посочено на средбата, е мандат на оваа Влада, но и обврска на Државната изборна комисија, информираат од владината прес-служба. 

На средбата, која се одржала на покана на техничкиот премиер Џафери, тој истакнал дека, обезбедувањето на изборите не значи само обезбедување од аспект на законската регулатива и минимум стандарди, туку и взаемна проактивност за да може да се предвидат потенцијални кризи и да се предложат сценарија и решенија кои ќе бидат водилка за решавањето на тие кризи.

-Ова секако е важно, затоа што меѓу другите обврски, двете институции заедно имаат и обврска да ја штитат и репутацијата на институциите и да ја зацврстат довербата на граѓаните во самиот изборен процес. А тоа ќе се постигне само ако низ дела се потврди дека навистина се преземени сите потребни мерки за нивно заштитување и овозможување за остварување на своето право, посочил Џафери.

Претседателот на Државната изборна комисија, Даштевски, го поздравил предлогот на премиерот Џафери за координација, затоа што, како што рекол, ДИК како надлежно тело за успешно спроведување на изборите, и при тоа независно, непристрасно, одговорно и професионално во своето работење, има потреба од поддршка и од другите институции.
 
На состанокот биле разменети информации околу потребните подготовки за спроведување на претстојните избори. Од двете страни била нагласена законската надлежност, но и политичката волја, за слободни, фер и демократски изборни процеси на претседателските и на парламентарните избори на 24 април и на 8 мај, на коишто, како што било нагласено, како и во неколкуте претходни изборни циклуси, граѓаните слободно ќе го направат својот избор.

Џафери потенцирал дека Владата што ја предводи работи согласно законските прописи за предизборието и дека е одлучно определен надлежните институции да организираат и спроведат фер избори, според најдобрите европски пракси и стандарди.

Заедничка констатација на средбата била дека, Република Северна Македонија е на европскиот пат, практикува европски вредности и потребен е силен фокус од сите политички субјекти и наратив на меѓусебно почитување, за фер и демократски избори што ќе придонесат во напредокот кон Европската Унија. сст/дма/

Фото:Влада

 

Остани поврзан