• среда, 25 декември 2024

Средба Јанев - Васиљевиќ: Ги дефинираме контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка

Средба Јанев - Васиљевиќ: Ги дефинираме контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка

Скопје, 13 декември 2024 (МИА) - Директорот на БЈБ, Александар Јанев и в.д. директорот на полиција на Република Србија, Драган Васиљевиќ на денешната билатерална средба ги дефинирале контурите на идната меѓусебна стратешка и оперативна полициска соработка, која ќе се интензивира континуирано, првенствено во делот на прекуграничната соработка и завршување на финалната фаза за воспоставување на one-stop-shop на граничниот премин Табановце-Прешево, се со цел непречен проток на патници и возила.

Како што соопшти МВР, била иницирана соработка за воспоставување на заеднички мото-патролни пунктови долж рутата која поминува низ нашите држави, како и продолжување на упатувањето на полициски службеници за поддршка во текот на летните сезони.

Јанев и Васиљевиќ оствариле посета на Командно-оперативниот центар кој е организациски поставен во Управата за полиција, со цел размена на искуства за неопходните стандардни оперативни процедури за постапување и 24 часовно присуство на претставници од сите релевантни служби.

Од страна на српските колеги, како што соопшти МВР, било презентирано иновативно решение за е-полициска станица, која функционира без присуство на полициски службеници, а нуди одредени услуги за пријава на кривични дела и прекршоци, како и одредени граѓански постапки за издавање на лични документи.

Во рамки на Центарот за обука на полициски службеници, оперативно-тактичкиот тим во рамки на Одделот за борба против организиран криминал прикажал кратка тактичко-показна вежба и капацитетите за лишување од слобода на високо ризични сторители на кривични дела.

На крајот на посетата, бил донесен заеднички заклучок за иницирање на редовни средби помеѓу релевантните служби на сите нивоа пред се во заедничка размена на искуства, информации за појави, реални закани, начини на нивно превенирање и сузбивање, спроведување на заеднички обуки за полициските службеници за разни области од полициското постапување.

-Работиме интензивно за намалување на бирократските процедури во полза на ефикасната и ефективната секојдневна полициска соработка, бидејќи колективната безбедност на граѓаните е нашата мисија, велат од МВР. дма/нд/

Фото: МВР
 

Остани поврзан