• среда, 18 декември 2024

Средба Сејдини - Чеферин: Изборите во ФФМ мора да се спроведат независно и без мешање на политиката

Средба Сејдини - Чеферин: Изборите во ФФМ мора да се спроведат независно и без мешање на политиката
Скопје, 8 февруари 2021 (МИА) - Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) има безусловна поддршка од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) да организира Генерално изборно собрание на независен начин и без мешање на политиката. Ова, како што официјално е соопштено, било истакнато при денешната посета на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини на седиштето на УЕФА, на покана на нејзиниот прв човек Александар Чеферин. Двајцата соговорници, како што се наведува во соопштението на Федерацијата, се согласиле дека „во изборот на ново раководство на ФФМ не може да влијае ниту УЕФА, ниту ФИФА, како што не може да влијае ниту политиката, бидејќи тоа би било спротивно на статутите“. На средбата во Нион било разговарано и за поддршката од УЕФА за инфраструктурни проекти на ФФМ, развојот на младинскиот фудбал, како и за учеството на македонската репрезентација на претстојното Европско првенство. - Јас сум воодушевен од големите чекори што ФФМ ги направи во последните години под водство на Сејдини. Навистина како држава почнавте да ги бележите сите придобивки од вашите заложби во последните години - од пласманот на репрезентацијата до 21 година на Европското првенство во Полска 2017 година, па до А репрезентацијата која се пласираше на завршниот турнир за прв пат во историјата, истакна Чеферин на средбата со актуелниот претседател на ФФМ. Од своја страна, Сејдини нагласи дека македонската федерација „ќе продолжи да го дава својот придонес во сегашните и идните проекти на УЕФА, кој секогаш се насочени во корист на европскиот фудбал“. ег/сп/

Остани поврзан