• четврток, 26 декември 2024

Средба Пашоли - Патален: За добри меѓуетнички односи важна е меѓуинституционалната и соработката со невладините организации

Средба Пашоли - Патален: За добри меѓуетнички односи важна е меѓуинституционалната и соработката со невладините организации

Скопје, 27 април 2023 (МИА) - Претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците, Арбана Пашоли, во Собранието на Република Северна Македонија, одржа работна средба со експертката за подобрување на надзорната функција на Агенцијата за остварување на правата на Заедниците (АОПЗ), од Република Хрватска, Николина Патален и со директорот и заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на Заедниците, Еран Куртиш и Џелал Хоџиќ.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Пашоли на средбата даде кратка елаборација за работата на Комитетот и за тековните процеси кои се спроведуваат за поголемо меѓусебно разбирање меѓу етничките заедници во земјава. Според неа, потребно е меѓуетничките односи да се издигнат над политичката припадност, сѐ со цел постигнување на поголемо ниво на меѓусебна доверба.

Таа нагласи дека Комитетот за односи меѓу заедниците ја интензивира соработката со општинските комисии за меѓуетнички заедници за поефикасно функционирање на локално ниво.

Според Пашоли, добрата соработка со Агенцијата за остварување на правата на заедниците, треба континуирано да се продлабочува, бидејќи за добри меѓуетнички односи е многу важна меѓуинституционалната и соработката со невладините организации. Во таа насока Пашоли рече дека членови на Агенцијата се дел од Комитетот.

Хрватската експертка Патален смета дека секоја земја треба да се движи во насока на остварување на што поголемо унапредување на правата на етничките заедници. Во однос на улогата на Агенцијата и како може да го подобри надзорот, Патален посочи дека треба да бидат искористени сите ресурси што ѝ стојат на располагање за организирање на активности во насока на унапредување на работата на Агенцијата.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на Заедниците, Еран Куртиш, посочи дека Агенцијата соработува со Комитетот за односи меѓу заедниците и дека е потребна поголема соработка со владините институции со цел спроведување на позитивните пракси од ЕУ во врска со подобрување на меѓуетничките односи. дма/ац/

 

Остани поврзан