• петок, 27 декември 2024

Средба на Џафери со европратеникот Андреас Шидер

Средба на Џафери со европратеникот Андреас Шидер
Скопје, 6 ноември 2020 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери, се сретна со претседателот на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија, австрискиот пратеник Андреас Шидер. На почетокот, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери изрази длабоко сочуство за настаните од 2 ноември во Виена и ги осуди терористичките напади како акти на терор кои немаат ниту нација ниту вера. Истакнувајќи дека Европскиот парламент посветува големо внимание на проширувањето и на зајакнувањето на односите со земјите од Западен Балкан, Џафери се заблагодарил и за личниот придонес на Шидер, како копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Северна Македонија и учесник во Дијалогот Жан Моне. Тој изразил надеж дека плодниот и контруктивен меѓупарламентарен дијалог ќе се рестартира веднаш штом ќе биде конституирана делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет во Собранието. Европратеникот Шидер изразил надеж дека соработката меѓу Европскиот парламент и во рамките на Мешовитиот парламентарен комитет и во рамките на Дијалогот Жан Моне ќе продолжат и со членовите на новиот состав на Собранието. Двајцата соговорници размениле мислења и за оценките содржани во Извештајот на Европската комисија за земјата објавен минатиот месец, во кој се нотира постигнат напредок за време на извештајниот период, како и за реформската агенда со идентификуваните области на кои треба повеќе да се работи. Во однос на работата на законодавните домови во услови на пандемијата со Ковид 19, соговорниците се согласиле дека физичкото присуство во работата е приоритетно, но во овие вонредни околности мора да се обезбеди и континуирана работа на парламентите, а за тоа треба да се разгледаат можностите и за онлајн учество на оние пратеници кои нема да можат физички да присуствуваат поради вирусот. Во врска со Берлинскиот процес, пратеникот Шидер го поздравил заедничкото претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија и изразил уверување дека ќе се направат напори за надминување на разликите за отворените прашања на двете земји и ќе се успее во време на германското претстедателство со Советот на ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција во декември оваа година. мс/са/

Остани поврзан