• среда, 25 декември 2024

Средба на претставници на БиХ со Гутереш: Неприфатливо е какво било негирање на геноцидот во Сребреница

Средба на претставници на БиХ со Гутереш: Неприфатливо е какво било негирање на геноцидот во Сребреница

Њујорк, 19 април 2024 (МИА) - Претседавачот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ и членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ разговараа со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во седиштето на ОН во Њујорк, јавува босански Аваз.

Во седиштето на оваа меѓународна организација, Беќировиќ и Комшиќ му се заблагодарија на генералниот секретар на ОН за досегашната поддршка за активностите и мерките во борбата против негирањето на геноцидот, говорот на омраза и глорификацијата на воените злосторства во Босна и Херцеговина.

Тие му укажаа на Гутереш важни факти поврзани со Предлогот за резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН, наведува весникот.

На средбата беше нагласено дека конечните пресуди на највисоките судови на ОН (Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​потврдија дека е извршен геноцид врз Бошњаците во безбедносната зона на ОН во Сребреница. Беше истакната важноста на Генералното собрание на ОН да усвои резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

Тие нагласија дека ОН со усвојувањето на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, ќе укаже на важноста од промовирање на вистината за извршениот геноцид.

Гутереш истакна дека секоја форма на негирање на геноцидот е апсолутно неприфатлива и ја изрази својата целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Во разговорот со Гутереш, Беќировиќ и Комшиќ истакнаа дека главната цел на резолуцијата е да се изгради мир, безбедност и доверба во Босна и Херцеговина и во регионот. Исто така беше истакнато дека усвојувањето на резолуцијата е важно за зачувување на кредибилитетот на ОН и укажување на важноста од почитување на пресудите на судовите на ОН, извлекување поуки од неуспехот на ОН во спречувањето на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и укажување на глобалното значење на превенцијата на геноцидот.

Тие потсетија и на зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, меѓу другото, рече дека изградбата на иднина на мир бара соочување со минатото.

Во зградата на Обединетите нации завчера се одржа презентација на нацрт-резолуцијата за геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година. Текстот на резолуцијата го презентираа Германија, Руанда и Босна и Херцеговина, а присуствуваа и ко-спонзорите, кои се 17 на број.

Против резолуцијата зборуваа Русија, Србија, Венецуела, Кина, Северна Кореја и Никарагва

Инаку, Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласа за предлог резолуцијата за геноцидот за Сребреница на 2 мај. Пред неколку дена и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи најави дека Северна Македонија ќе биде ко-спонзор на резолуцијата и ја повика Србија да ја поддржи. И Италија и Франција најавија дека ќе ја коспонзорираат нацрт резолуцијата. Според Османи, резолуцијата досега ја поддржале повеќе од 17 земји, меѓу кои Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија.

Засега, јавна поддршка за резолуцијата искажаа и Руанда, Германија, Нов Зеланд, Чиле, Франција, Лихтенштајн, Словенија, Соединетите Американски Држави и Италија.

За да се усвои резолуцијата потребна е двотретинска поддршка, т.е. дека за неа гласаат повеќе од 130 членки на ОН. Причината поради која беше одлучено да се предложи резолуцијата до Генералното собрание, а не до Советот за безбедност на ОН, е тоа што би било речиси невозможно СБ да ја усвои таа резолуција.

Klix.ba потсетува дека Велика Британија како една од петте постојани членки на Советот за безбедност во 2015 година предложи резолуција за геноцидот во Сребреница, но Русија како постојана членка, стави вето.

Од друга страна, нема механизам за вето во Генералното собрание, што значи дека одлуката на две третини од државите претставува конечна одлука. Имено, станува збор за принципот „една земја-членка, еден глас“, т.е. гласот на секоја држава е еднаков. Тоа значи дека Босна и Херцеговина ќе треба да вложи големи дипломатски напори за да обезбеди поддршка од повеќе од 130 земји. ссм/

фото: Претседателство на БиХ

Остани поврзан