• сабота, 28 декември 2024

Средба на претседателот на Собранието Џафери со словенечкиот амбасадор Прескер

Средба на претседателот на Собранието Џафери со словенечкиот амбасадор Прескер

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имал средба со новоименуваниот амбасадор на Словенија во државава, Грегор Прескер, на која, како што соопшти неговиот Кабинет, биле разменети мислења за актуелните случувања во Собранието, парламентарниот дијалог и постапката за пристапување кон измена на Уставот.

-На средбата беше изразено заемно задоволство за одличните билатерални односи меѓу двете земји и соработката во изминатите децении. Претседателот Џафери упати честитки до амбасадорот за назначувањето на функцијата и му посака успех во извршувањето на оваа должност. Беше потенцирана интензивната соработка на политичко ниво, вклучително и на ниво на претседатели на парламенти и групи за соработка, со планирани активности таа да продолжи и во следниот период, информира Кабинетот на Џафери. 

Амбасадорот Прескер посочил дека Република Словенија во континуитет ја поддржува Република Северна Македонија во нејзините аспирации за членство во Европската унија, како што ја поддржувала и за членството во НАТО.

-Упати особена благодарност за материјалната помош и за припадниците на Армијата кои нашата земја ги испрати за справување со последиците од поплавите во Словенија. Во контекст на ЕУ, амбасадорот ја потенцираше важноста на моментумот за заокружување на потребните процедури за отворање на преговарачките поглавја и за условите кои се создадени во Европската Унија за продолжување на процесот на проширување, се посочува во соопштението.

Биле поздравени можностите студенти од земјава да студираат на словенечките универзитети, потоа дијаспората во Словенија „како мост на поголемо поврзување меѓу двете земји“, словенечките инвестиции во земјата, како што е наведува „особено развојната словенечка помош од 35 милиони евра, инвестирана во повеќе општествени сегменти и планирана да продолжи да се спроведува и во иднина“. хс/аа/

Фото: Кабинет на Претседател на Собранието на Република Северна Македонија 

Остани поврзан