• среда, 18 декември 2024

Средба на претседателот на Собранието со германска делегација предводена од пратеникот Томас Хакер

Средба на претседателот на Собранието со германска делегација предводена од пратеникот Томас Хакер

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска оствари средба со делегацијата од Сојузна Република Германија, предводена од Томас Хакер, пратеник во Германскиот бундестаг.

Во состав на Делегацијата беа и г. Нилс Хеле-Маер, потпретседател на Универзитетот Хумболт во Берлин, г-ѓа Рајнхилд Шорнак, раководителка на Одделот за меѓународни работи на германскиот Бундестаг и г. Кевин Мас, раководител на Одделот за култура, образование и печат во амбасадата на СР Германија.

Претседателот Гаши, како што соопшти собраниската прес-служба, се заблагодарил за континуираната поддршка и силното партнерство на Сојузна Република Германија за евроатлантскиот пат на државата. Информирал за неодамнешната посета на Берлин и разбирањето од страна на германските политичари за актуелниот статус на државава во поглед на зачленувањето во ЕУ, потврдено со Резолуцијата на Бундестагот, со која се оддава посебно значење на македонскиот јазик, идентитет и култура како додадена вредност во самата Унија. Гаши изразил посебен интерес за динамизирање на соработката во иднина меѓу двата парламенти на сите нивоа, покрај актуелната соработка во доменот на независното собраниско обезбедување.

- Пратеникот Хакер посочи дека неговата земја со конкретни чекори ја обновила посветеноста за продолжување на процесот на проширување преку назначувањето на специјалниот пратеник Мануел Сарацин за Западен Балкан и преку Берлинскиот процес, а од неодамна и преку формализирањето на неговата парламентарна димензија, со која се обезбедува директна вклученост на пратениците кои се народни избраници, во донесувањето на одлуки во овој процес. Како еден од тројцата иницијатори на Резолуцијата која беше донесена во Бундестагот, Хакер посочи дека целта на ваквиот чекор на издвојување на нашата земја, што не е пракса во Бундестагот, е да се стави до знаење дека посебноста и различностите на еден народ мора да се вреднуваат и почитуваат од страна на сите земји членки на Европската Унија, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

Делегацијата, во текот на посетата, извршила избор на ИПС стипендисти за 2025 година од нашата земја. бак/

Фото: Собрание на Северна Република Македонија

Остани поврзан