• среда, 25 декември 2024

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, Кити ван дер Хејден

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, Кити ван дер Хејден

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку, оствари средба со Кити ван дер Хејден, заменик извршна директорка на УНИЦЕФ.

На средбата, како што сооопшти нејзиниот кабинет, било изразено задоволство од континуираната плодна соработка во повеќе клучни области коишто се однесуваат на благосостојбата на децата и младите во македонското општество, со посебен фокус на рамноправноста, инклузивноста, унапредувањето и заштитата на нивните права.

Во контекст на климатските промени и нивниот ефект врз животот на децата, претседателката Сиљановска Давкова и заменик извршната директорка на УНИЦЕФ, ван дер Хејден, ја потенцирале важноста на политиките насочени кон промоција на одржлив развој и зелени иницијативи за заштита на животната средина.

Во таа насока била нагласена потребата нашата држава да го вклучи прашањето на децата во својот трет Национален поднесок за климатска акција, со цел создавање системски механизми за нивната заштита од климатски промени.

Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмирала подготвеноста на македонските институции за натамошна соработка со УНИЦЕФ, во насока на создавање услови секое дете да има еднакви шанси и можности за искористување на својот потенцијал, пристап до квалитетно образование, здравствена грижа и заштита. сст/са/

Фото: кабинет на Сиљановска Давкова

 

   

Остани поврзан