• среда, 04 февруари 2026

Средба на пратеничката Дијана Тоска со Филип Маршето, заменик-амбасадор на Франција во земјата

Средба на пратеничката Дијана Тоска со Филип Маршето, заменик-амбасадор на Франција во земјата

Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Претседателката на пратеничката група за соработка со парламентот на Француската Република, Дијана Тоска, имаше средба со Филип Маршето, заменик-амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, на која се разговараше за можностите за унапредување на соработката меѓу двата парламентa, но и меѓу двете држави воопшто, информира собраниската прес-служба.

Пратеничката Тоска се заблагодарила за поддршката што Франција ни ја дава и во рамките на евроинтегративниот процес, но и на локално ниво, што за нас е од исклучително значење.

Таа изразила уверување дека во периодот што следува пратеничките групи за соработка на двата парламентa ќе ја интензивираат меѓусебната комуникација и ќе ја унапредат соработката, особено во делот на размена на искуствата и на добрите практики, особено во рамките на евроинтеграцискиот процес.

Заменик-амбасадорот Маршето истакнал дека за Франција важен приоритет е Република Северна Македонија да ги почне преговорите за полноправно членство во Европската Унија и додал дека во тој процес важна улога имаат пратениците.

Пратеничката Тоска нагласила дека членството во Европската Унија е наша единствена алтернатива доколку сакаме како држава да обезбедиме економски развој и напредок, но и е предуслов за да ги задржиме младите и тука да добијат подобар стандард, квалитетно образование и европски услови на живеење.

Двајцата соговорници се согласиле во периодот што следува да ја интензивираат меѓусебната комуникација, особено во однос на зајакнување на соработката меѓу пратеничките групи за соработка на двата парламентa. сст/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан