Средба на потпретседателот на Собранието, Милошоски со стипендистите на Меѓународната парламентарна стипендија
- Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, денеска во неговиот кабинет ги примил стипендистите на Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) на германскиот Бундестаг за 2025 година.

Скопје, 28 февруари 2025 (МИА) - Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Антонијо Милошоски, денеска во неговиот кабинет ги примил стипендистите на Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) на германскиот Бундестаг за 2025 година.
На средбата присуствувале и Јан-Аксел Фос, заменик-амбасадор на Сојузна Република Германија, како и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.
Потпретседателот Милошоски им упатил честитки на стипендистите за нивниот избор и истакнал дека тие заминуваат во Бундестагот во многу динамичен период кога се конституира новиот парламентарен состав во Германија.
- Тој истакна дека Собранието како институција во континуитет посветено работи на унапредување и промовирање на оваа програма за сите млади луѓе од нашата земја, кои се заинтересирани за стажирање кај германски пратеник во Бундестагот на Сојузна Република Германија, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.
Собранието пред заминувањето на стипендиските во Германија им овозможува повеќедневен престој во нашата институција, чија главна цел е нивно поблиско запознавање со начинот на функционирање на Собранието.
Заменик-амбасадорот Фос истакнал дека стипендистите ќе имаат можност да се запознаат со работата на Бундестагот во време на транзицијата на стариот и новиот состав на Германскиот парламент и кога во светот се очекуваат големи промени за што ќе бидат потребни издвојување на повеќе средства во областа на одбраната и економијата. Како што стои во соопштението, се очекуваат и промени во имиграционите политики на Германија.
Генералната секретарка Димовска им посакала успех на стипендистите во нивната работа во Бундестагот. Укажала дека тие се амбасадори на нашата држава во Германија и очекува пренесување на стекнатите знаења и искуства во нашата земја по нивното враќање. Таа се заблагодарила за тековните проекти и соработката со Бундестагот и искажала уверува за натамошна успешна соработка со Германија како наш значаен партнер.
Практикантите Росана Јованова и Недина Ѓорѓиева се заблагодариле на целата поддршка што ја добиваат од сите страни за реализација на оваа Програма и очекуваат таа да им донесе професионален и личен развој кои ќе го пренесат во нашата земја по нивното враќање. цр/са/
Фото: Собрание на РСМ