• недела, 24 ноември 2024

Средба на Пендаровски со претставници на ГИЗ и фокус-групата за новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030

Средба на Пендаровски со претставници на ГИЗ и фокус-групата за новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030

Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) -  Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска прими претставници на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и фокус-групата кои работат на изготвување на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, претставниците на ГИЗ и фокус-групата го запознаа претседателот со текот на изготвувањето на документот чија цел е да ја приближи Северна Македонија кон принципите што се пропишани во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

- Истакнувајќи ја важноста од донесувањето на стратегијата, петседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и помошта на ГИЗ во нејзиното изготвување и изрази очекување дека таа ќе придонесе за унапредување на положбата на лицата со попреченост. Оваа стратегија, посочи претседателот Пендаровски, има големо значење за Северна Македонија во контекст на обврските што државата ги има преземено со ратификацијата на Конвенцијата, а особено е значајно што лицата со попреченост се директно вклучени во изработката на стратегијата, се наведува во соопштението.

Стратегијата се изготвува во рамки на проектот „Социјални права за ранливите групи во Западен Балкан“ имплементиран од ГИЗ, а се вклучени претставници од 11 ресорни министерства, организации на лицата со попреченост и граѓански организации кои ги застапуваат нивните права, практичари кои секојдневно работат со конкретната проблематика и активисти. хс/лв/

Остани поврзан