• понеделник, 23 декември 2024

Средба на началникот на ГШ на Армијата, Лафчиски, со началникот на ВС на Унгарија, Беренди

Средба на началникот на ГШ на Армијата, Лафчиски, со началникот на ВС на Унгарија, Беренди

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој престојува во официјална посета на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, денеска во Будимпешта остварил средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на ВС на Унгарија, генерал Габор Беренди.

Како што информира ГШ на АРМ, по пречекот со високи воени почести, генералите Лафчиски и Беренди разговарале за билатералната воена соработка, при што биле разгледани можностите за понатамошно дополнително продлабочување во областите од заемен интерес.

-Во текот на официјалните разговори се дискутираше за можна соработка помеѓу силите за специјални операции, обука за борбено нуркање, поддршка за лесната пешадиска баталјонска група како примарна НАТО цел на способност, изведување заедничка обука и вежби и користење на капацитетите на двете армии со цел унапредување на интероперабилноста на двете сојузнички армии во рамки на учествата во меѓународните операции и мисии предводени од НАТО и ЕУ, размена на искуства и научени лекции при користење на НАТО и ЕУ фондовите, се наведува во соопштението. 

Генералот Лафчиски изразил благодарност за поддршката од страна на унгарскиот тим, „кој во духот на сојузништвото и доброто пријателство активно се вклучи во гаснењето на пожарите кои ова лето ја зафатија нашата држава“.

-За време на средбата генералот Беренди изрази благодарност за поканата за учество на воениот оркестар на ВС на Унгарија на предновогодишниот концерт, кој ќе се одржи наредниот месец и доколку неговата агенда овозможува, лично би присуствувал на настанот, соопшти ГШ на Армијата. 

Армиската делегација предводена од генералот Лафчиски ја посетила механизираната бригада на унгарските вооружени сили во гарнизонот Тата, каде била презентирана организациската структура, задачите и опремата на бригадата, по што делегацијата имала можност да оствари посета и на Центарот за симулација и обука. хс/аа/

Фото: Генералштаб на Армијата на Република Северна Македонија 

Остани поврзан