Средба на министерот Муртезани со новоименуваната амбасадорка на Јапонија, Кавахара
- Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара. На средбата, како што се наведува во соопштението на МЕП, се разговарало за континуираната поддршка што Јапонија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија, како и за идните можности за продлабочување на билатералната соработка.

Скопје, 26 февруари 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со новоименуваната амбасадорка на Јапонија во Северна Македонија, Сецуко Кавахара. На средбата, како што се наведува во соопштението на МЕП, се разговарало за континуираната поддршка што Јапонија ѝ ја обезбедува на Северна Македонија, како и за идните можности за продлабочување на билатералната соработка.
Министерот Муртезани ја истакнал одличната соработка меѓу Министерството за европски прашања и Амбасадата на Јапонија, како и значајната поддршка што Јапонија ја обезбедува за земјата во рамките на Официјалната развојна помош, во вредност од над 425 милиони евра.
Во фокусот на разговорот била билатералната соработка, која во моментов се реализира преку техничка поддршка, програми за развој на човечки ресурси и проекти на локално ниво. Министерот Муртезани ја потенцирал одличната соработка со Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и упатил благодарност за постојаниот ангажман и долгорочниот придонес од јапонска страна.
Соговорниците го поздравиле стапувањето во сила на Договорот за техничка соработка минатата година, кој овозможува уште поефикасна координација на развојната помош.
Амбасадорката Кавахара истакнала дека Северна Македонија е значаен партнер за Јапонија, со кој споделува заеднички вредности. Таа, додава МЕП, нагласила дека стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, како и евроинтеграцијата на регионот, се од клучно значење не само за Европа, туку и за целиот свет. ац/
Фото: МЕП