• среда, 25 декември 2024

Средба на министерката Јаневска со претставници на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје

Средба на министерката Јаневска со претставници на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска остварила средба со делегација на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, предводена од раководителот Олег Солдатов, во чиј фокус било зајакнување на институционалните капацитети и политики за подигнување на инклузивноста на образовниот систем, особено во опфатот на ранливите категории граѓани.

Како што известува МОН, двете страни изразиле подготвеност за продолжување на веќе отпочнатите проекти насочени кон обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за учениците од ромската етничка заедница, со оглед на тоа што тие  даваат позитивен ефект.

-Министерката Јаневска информираше дека во извештаите на Европската Унија, Македонија е посочена како пример за земја која води голема грижа кон ромската популација и можностите за образование, издвојувајќи дека стапката на упис на Роми во средно образование е 94 отсто односно над европскиот просек од 90 отсто, како и стапката на завршување на средно образование која изнесува над 87 проценти за разлика од европската која изнесува 50 проценти, соопшти МОН.

На средбата било посочено дека со измените на законите за основно и средно образование, кои наскоро ќе бидат предмет на јавна дебата, уште повеќе се зајакнува грижата кон учениците од ромската етничка заедница, преку воведување педагошки помошници во основното и ромски образовни медијатори во средното образование „кои ќе водат грижа за запишување на децата во училиште, спречување на одливот и полесно совладување на наставната материја“. хс/дма/

Фото: Министерство за образование и наука

Остани поврзан