Средба на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите и на Комитетот за односи меѓу заедниците
- Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија и Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска одржаа работна средба со претставниците на Коалицијата на граѓански организации-Форум на помалкубројни заедници во Републиката.
Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија и Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска одржаа работна средба со претставниците на Коалицијата на граѓански организации-Форум на помалкубројни заедници во Републиката.
На работната средба, како што информираа од Секторот за односи со јавноста на Собранието, учествувале Љатифе Шиковска, претседателката на ИППГ за поддршка на правата на Ромите, пратениците: Санела Шкриејљ, Лидија Тасевска, Александар Велјановски, како и Арбана Пашоли, претседателка на Комитетот за односи меѓу заедниците.
- Целта на ова прва средба беше остварување на правата на помалубројните заедници, предизвиците и потребите во процесите на ЕУ интеграцискиот пат на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.
Претставникот на Форум на помалкубројни заедници, се посочува во соопштението, пред присутните ги сподели досегашните идентификувани проблеми и предизвиците со кои се соочуваат помалкубројни заедници, а биле доставени и барања за изнаоѓање на нивни решенија.
Марија Николова, посочила дека има многу предизвици пред малите заедници, како најкритична и најмаргинализирана ја истакна влашката заедница, бидејќи, стои во соопштението, бројот на говорители се повеќе се намалува, на што укажува и последниот попис во државата.
- Воедно упати молба за ратификација на Европската повелба за регионални јазици и јазици на малцинствата, која се занимава со заштита на јазичните права на традиционалните културни заедници на Европа. Исто така беше иницирано барањето за укинување на квотата од 15 ученици, за оставарување на правото за изучување на мајчин јазик, изборен предмет. Системско и трајно решение за регистрација и добивање на извод на матична книга на родени, за околу 700 лица, кои живеат на територија на државата, а кои од одредени причини немаат документ за идентификација, стои во соопштението.
Пашоли посочила дека Комитетот негува култура на активно слушање на барањата на помалкубројните заедници и имаат заедничка агенда на активности и конкретни прашања со ИППГ за поддршка на правата на Ромите, но се отворени и за другите заедници, со цел изнаоѓање на оптимални решенија.
Шиковска потенцирајќи дека ова е прва средба, најавила дека тука нема да застанат, дека не смее да се остави ниту еден граѓанин позади нас, бидејќи секој граѓанин е важен.
Присутните на средбата изразиле надеж дека во иднина се помалку ќе зборуваат за остварување на егзестенцијални проблеми, туку се повеќе за унапредување на тие права. цр/лв/
Фото:Собрание на Република Северна Македонија