• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Средба на генералната секретарка на Собранието со словенечката колешка Зоре Тавчар

Средба на генералната секретарка на Собранието со словенечката колешка Зоре Тавчар

Скопје, 10 април 2025 (МИА) - Во рамки на официјалната посета на делегацијата од Државниот збор на Република Словенија, денеска се одржа средба меѓу генералните секретарки на законодавниот дом, Марина Димовска и Уршула Зоре Тавчар.

Генералната секретарка Димовска, ги поздравила словенечките искуства кои, како што информираат од собраниската прес-служба, во голема мера помогнале во парламентарното работење на Собранието, особено последните искуства за отворањето на Заштитената соба во Собранието, како и соработката во делот на собранискиот календар и образовните и младинските политики.

- Мојата цел како предводничка на собраниската служба, е да ја развивам мисијата и визијата за современ европски парламент, во тек со последните трендови кои се применуваат во парламентите и да дадам свој личен придонес кон примената на најдобри практики во нашите активости, а со цел градење ефикасни и транспарентни парламентарни институции, нагласи Димовска.

Генералната секретарка Зоре Тавчар го потенцирала пријателскиот и партнерскиот однос кој постои меѓу двете институции. Таа дала отворена поддршка за идната соработка и подготвеност за унапредување на парламентарните процеси, во области од интерес за Собранието.

На средбата, како можни области за соработка биле наведени стандардите за дигитализација на собраниските процеси, зголемување на транспарентноста и отвореноста кон јавноста, интегрирање на вештачката интелегенција во парламентарната администрација, унапредување на парламентарната дипломатија и процесот на усогласување на домашното со европското законодавство, кои се важни предуслови во процесот на пристапување кон Европската Унија.

Двете соговорнички постигнале согласност за формализирање и структурирање на долгорочна билатерална соработка преку конкретни активности, преку размена и посети на службите од двата парламенти. Оваа средба, како што посочуваат од Собрание, е силен поттик за заеднички напредок во духот на европската поддршка и парламентарната соработка. фф/бак/

Фото: Собрание

Остани поврзан