• вторник, 24 декември 2024

Средба на Гаши со францускиот амбасадор Ле Риголер

Средба на Гаши со францускиот амбасадор Ле Риголер

Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска се сретна со  Кристоф Ле Риголер, Амбасадор на Француската Република во нашата земја. На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, присуствувала и Жаклина Поп Ангелова, шеф на Кабинет на Амбасадорот.

-Средбата примарно се реализираше за разгледување на можностите и модалитетите за идна соработка со француските институции, по неодамнешната работна посета на Делегација од Собранието предводена од Гаши на Париз, се вели во соопштението. 

Била изразена посебна благодарност до Амбасадорот за подигнување на билатералната соработка на повисоки ниво со релевантните претставници на Француската Република, како и подготвеност од наша страна за одржување на овој воспоставен дијалог во периодот што следи, на теми од взаемен интерес.

Претседателот на Собранието ги изнел позитивните впечатоци од одржаните средби во Париз и подготвеноста на француските политичари за поддршка на нашиот процес на евроинтеграции.

Амбасадорот Риголер, пак, нагласил дека иницијативата за посета на Париз и остварување личен контакт со француските колеги и државни претставници е од особено значење, со оглед дека истата помага за креирање на билатерална динамика на меѓусебна соработка.

Соговорниците биле согласни за потребата од конкретизирање на полињата за размена на мислења и искуства на сите парламентарни нивоа, вклучително и преку Групите за соработка и пријателство и за искористување на експертизата која ја нудат Националното собрание и Сенатот на Француската Република за парламентарно работење. Било констатиранои дека се потребни заеднички напори за зголемување на бројот на француските инвестиции во земјата и зголемување на трговската размена меѓу двете земји, кои, како што било оценето, во моментов не се на посакуваното ниво. сст/лв/

фото Собрание на РСМ 

Остани поврзан