• среда, 25 декември 2024

Средба на Гаши со новата постојана координаторка на ОН во земјава, Рита Колумбиа

Средба на Гаши со новата постојана координаторка на ОН во земјава, Рита Колумбиа

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска ја примил новата постојана координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбиа, на која, како што соопштуваат од неговиот Кабинет, разговарале за имплементацијата на Целите за одржлив развој за земјава, под покровителство на светската организација, како и за Националната развојна стратегија.  

Како што информираат од собраниската прес-служба, од двете страни било искажано задоволство од досегашната соработка меѓу Собранието на Северна Македонија и Канцеларијата на ОН, со очекување за поинтензивна комуникација во наредниот период и за зајакнување на поддршката за земјава за развојни проекти. 

Постојаната координаторка Колумбиа ја нагласила клучната улога на парламентите во исполнувањето на Целите за одржлив развој и на Националната развојна стратегија, по што била реафирмирана заложбата за формирање неформална група за одржлив развој во Собранието. 

Гаши упатил на можноста да се организира брифинг за новите пратеници за улогата на парламентите во постигнувањето на Целите за одржлив развој. 

Тој изразил благодарност до агенциите на Обединетите нации за активностите што ги спроведуваат во земјава во областа на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето, родовата еднаквост, рамномерниот регионален развој и слично. фф/дма/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан