• вторник, 24 декември 2024

Средба на Вучиќ  со Ескобар и со Лајчак

Средба на Вучиќ  со Ескобар и со Лајчак
Белград, 2 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва оствари средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за Дијалогот Белград - Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, со кои разговараа за следните чекори во Дијалогот на Белград и Приштина, додека на трилатералната средба тројцата претставници разговараа на клучните теми важни за одржлива иднина и стабилноста на регионот, како и за економскиот напредок на Србија и на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград. Како што соопштија од прес-службата на српскиот претседател, Вучиќ изјави дека Србија, како сериозен и доверлив партнер во сите валидни и потпишани договори, се однесува одговорно и ги исполнува своите обврски, а во исто време наидува на континуирани обиди на властите во Приштина да го избегнат исполнувањето на своите обврски преку еднострани провокации и нереални очекувања од посредниците во дијалогот, што во голема мера го попречува понатамошниот тек на разговорот. - Американскиот пратеник Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ, Лајчак ја истакнаа својата поддршка за продолжување на конструктивниот дијалог меѓу Белград и Приштина, како и за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нагласувајќи дека од клучно значење е двете страни да ги исполнат сите обврски од Дијалог, се наведува во соопштението. Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Лајчак истакна дека ЕУ и САД тесно соработуваат и споделуваат иста визија за процесот на дијалог и иднината на целиот регион во ЕУ, додавајќи дека нивните напори се насочени кон постигнување сеопфатен договор и имплементација на сите претходно потпишани договори. Вучиќ уште еднаш им се заблагодари на двајцата претставници за нивната посветеност и изрази уверување дека само со одговорни напори на двете страни во дијалогот може да се постигне компромисно решение и заеднички јазик во интерес на Србите и Албанците, но и европската иднина на Србија и целиот регион, сопшти прес-службата на српскиот претседател. об/ми/

Остани поврзан