Средба на вицепремиерот Фетаи со белгискиот амбасадор Пол Ламберт
- На средбата, како што е наведено во соопштението од Кабинетот на Фетаи, се дискутирало за наоѓање решение за надминување на последниот услов кој го попречува започнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Заменик претседателот на Владата, Арбен Фетаи оствари средба со новиот амбасадор на Кралството Белгија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Пол Ламберт.
На средбата, како што е наведено во соопштението од Кабинетот на Фетаи, се дискутирало за наоѓање решение за надминување на последниот услов кој го попречува започнувањето на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.
Вицепремиерот Фетаи го информирал амбасадорот Ламберт за своите приоритети, кои се фокусирани на борбата против корупцијата, зголемување на транспарентноста во работата на државните институции и процесот на конфискација на имотот стекнат на незаконски начин. Тој ја истакнал и важноста на соработката со граѓанскиот сектор како клучен партнер за имплементација на реформите и зајакнување на владеењето на правото.
-Средбата беше можност за размена на мислења и идеи за продлабочување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Кралството Белгија, особено во контекст на европската интеграција, како и во економските, академските и политичките области, се наведува во соопштението.
Вицепремиерот Фетаи изразил благодарност за поддршката од Белгија и нагласил дека, имајќи ги предвид неговите тесни врски со Белгија, со задоволство ќе ја игра улогата на мост меѓу двете земји. дма/нд/
Фото: Кабинет на вицепремиерот Арбен Фетаи