• среда, 25 декември 2024

Средба на вицепремиерот Маричиќ со професорите македонисти Људмил Спасов и Елена Јованова-Грујовска

Средба на вицепремиерот Маричиќ со професорите македонисти Људмил Спасов и Елена Јованова-Грујовска

Скопје, 8 април 2024 (МИА) - Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска имал средба со Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, и Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, на која, како што се наведува во соопштение,  разговарал за заложбата на Владата и на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) за поддршка и негување на македонскиот јазик и културата „со посебна важност во процесот на евроинтеграција“.

-Проф. д-р Људмил Спасов и Советот за македонски јазик, во соработка со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, и реномираните лингвисти, македонисти и професори имаат важна улога во изработката и реализацијата на закони и проекти кои го негуваат и унапредуваат македонскиот јазик. Покрај ова, Владата на Република Северна Македонија и институциите континуирано ја поддржуваат реализацијата на различни проекти поврзани со развојот и промоцијата на македонскиот јазик, како и преводот на европското законодавство на македонски, соопшти СЕП. 

Вицепремиерот Маричиќ ја истакнал важноста на Законот за употреба на македонскиот јазик изгласан во јануари годинава зашто „претставува нов и современ закон кој го заштитува и унапредува македонскиот идентитет и култура, како и закон кој примерува соработка и јавна дискусија со сите заинтересирани страни“. хс/аа/

Фото: Секретаријат за европски прашања

 

Остани поврзан